За развојот на земјоделието големо значење имаат температурните крајности, пролетниот и есенскиот минимум. Апсолутниот минимум на температура во 1971 година изнесувал 0°, а тоа е знак дека растенијата мора да се заштитуваат од замрзнување. Но и покрај тоа, минималните температури не се изразито ниски, па затоа е можно да се одгледуваат повеќе видови на култури. Од средномесечниот максимум, кој се јавува во месеците јули и август (околу 33,5°C) може да се заклучи дека во летото се јавуваат високи температури.
Вкупната сума на топлина во текот на годината за градот и околината изнесува околу 4124°C , а во текот на вегетативниот период на растенијата (од април до септември) е 3346°C. Просечната количина на врнежите се движи околу 500-600 мм. Максимумот на врнежи се паѓа во пролет и есен. Максимумот на врнежи е во април и изнесува 78,9мм и откомври кој изнесува 45,5мм. Летниот минимум се јавува во месец јули и изнесува 18,9мм. Просечниот воден талог за време на вегетативниот период на растенијата (од мај до септември) изнесува 181,3мм. Ваквиот просек е идеален за одгледување на некои култури, посебно за тутунот, додека за другите видови на растенија на кои им е потребна поголема количина на влага потребно е истите да се наводнуваат.
Ветровите како еколошки фактор заземаат посебно место во земјоделското производство. Од нив зависи испарувањето на почвата. Тие ја проветруваат почвата и ги разменуваат гасовите. Прилеп и околината во текот на годината имаат најчести ветрови од североисточен правец. Североисточниот ветар дува со максимална брзина 22,5 м/сек., и со средна годишна честина од 303 промили во однос на ветровите од сите правци и тишини. Југоисточниот ветар дува со просечна брзина од 3,8 м/сек., а честината му изнесува 136 промили. Западниот ветар има честина од 92 промили, а северниот 81 промили. Најмала честина има југоисточниот ветар – 16 промили.