Од денеска па во следните неколку денови, во ООУ „Гоце Делчев“ се одржува
втората транснационална средба од проектот „Еразмус +“, со наслов „Љубовта
е за сите“. На средбата учествуваат претставници од партнер земјите во
преокто: Италија, Хрватска, Кипар, Шпанија, Романија и Македонија. Проектот
има за цел подигање на свеста кај возрасните и децата на тема толеранција и
еднаквост.
„Училиштето ‘Гоце Делчев’ е вклучено во проектот „Еразмус +“, во кој
учествуваме со три проекти. Во моментов имаме гости од 5 земји, наставници и
ученици, кои ќе бидат вклучени во наставно – образовниот процес во нашето
училиште. Тие ќе престојуваат кај нас 5 работни денови, при што ќе разменат
искуства во делот на образованието“, изјави Веле Ѓорѓиоски, в.д. директор на
ООУ „Гоце Делчев“.
На средбата во Прилеп, учесниците во проектот ќе дискутираат за
приоритетите и ќе ги дефинираат клучните елементи.
„Имајќи го во предвид фактот дека луѓето денес имаат отворени граници и
патуваат насекаде, многу е важно да разберат што е толеранција и да се
разбираат помеѓу себе си. Го започнавме овој проект со цел да им помогнеме
на луѓето да разберат дека сите се исти, да ги прифатиме различните
националности, култури, традиции и навики. Тоа е името на проектот „Љубовта
е за сите“, всушност треба да се сакаме себеси како и останатите“, истакна
координаторот на проектот, Аурелија Куркут од Романија.
За време на престојот во Прилеп, гостите ќе посетат училишта, образовни и
други институции, каде од прва рака ќе се запознаат со нашиот образовен
систем. Во иднина, планирани се дополнителни активности и мобилности на
наставници и ученици, на кои тие ќе се едуцираат и ќе разменат искуства.