Во организација на клубот за екстремни спортови „Sky Riders“ и велосипедскиот клуб „Илинден“, а со поддршка на Општина Прилеп, се одржа второто Државно првенство и четвртата по ред downhill трка „Топташ 2019“, на која над 40 учесници од нашата држава и странство се натпреваруваа во категориите хоби, мастерс, јуниори и мен елит.
Претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски заблагодарувајќи се на организаторите и учесниците за успешно спроведената трка, потенцираше дека екстремните спортови добиваат се’ поголема популарност и атрактивност, а Општина Прилеп ќе продолжи да ги поддржува ваквите натпреварувања затоа што претставуваат уште една можност за меѓународна промоција на нашиот град.
За прво место во категоријата хоби се избори прилепчанецот Александар Стојкоски, додека натпреварувачот од Полска, Крабос Марек беше победник во мастерс класата. Во категориите јуниори и мен елит, првите места ги зазедоа Андреј Кузманоски од клубот „Илинден“ – Прилеп и Кристијан Угриноски од „Оксиџен“- Скопје.
После конечните бодувања од сите претходни рангирани трки на државно ниво, за државни прваци во категориите мастерс, јуниори и мен елит, беа прогласени натпреварувачите Игор Григоров од Скопје, Андреј Кузманоски од Прилеп и Кристијан Угриноски од Скопје.
Претседателот и секретарот на „ Sky Riders“, Ѓорѓи Манчески и Златко Спиркоски уште еднаш ја истакнаа својата лична благодарност за поддршката со која Општина Прилеп активно придонесува за промоција на екстремните спортови во Прилеп.
За тројцата најдобро пласирани натпреварувачи на годинешната трка „Топташ 2019“, организаторите обезбедија и парични награди во висина од 18.000, 12.000 и 6.000 денари.