Одржана 50-тата седница на општинскиот Совет, донесени повеќе Одлуки од интерес на граѓаните на општина Прилеп

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа својата 50-та седница. На
седницата која беше одржана преку видео-конференциска врска, советниците
расправаа за повеќе точки кои што се од интерес на граѓаните.

Советниците ги усвоија Програмата за работа и финансискиот план за 2021
година на ЈКП „Пазари“, а дадоа согласност и за финансискиот план и измените
на годишниот план за вработување во 2021 година на ЈОУ Дом за стари лица
„Киро Крстески-Платник“.

Исто така, усвоена беше и Одлуката за давање согласност на тримесечниот
извештај за финансиското работење на ЈП за ПУП-Прилеп, за период од
01.07.2020 година до 30.09.2020 година.

На денешната седница, членовите на општинскиот Совет ги изгласаа и
заклучоците за усвојување на Збирниот извештај за проценетата штета на
подрачјето на општина Прилеп од невремето во деновите 17, 19 и 25 август 2020
година. Покрај земјоделски површини во градот, со невремето беа зафатени и
повеќе населени места во општината, меѓу кои и Ерековци, Канатларци,
Мажучиште, Селце, Присад и др. Со невремето беа погодени земјоделски култури
на површина 284 хектари, а вкупната проценета штета изнесува 45.308.000
денари.

„Зелено светло“ доби и Одлуката за ослободување од плаќање надоместок за
уредување на градежно земјиште, за изградба на училишна спортска сала во ООУ
„Кире Гаврилоски“.

Советниците ги изгласаа и Решенијата за измена и дополнување на Решението за
формирање на комисиите за општествени дејности и правата на децата, за
одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија,
како и комисијата за родова еднаквост, а едногласно беа изгласани и
дополнувањата на Деловникот за работа на Советот на општина Прилеп.
На седницата беа усвоени повеќе барања на граѓаните од општина Прилеп, за
легализација на бесправно изградени објекти.