Седницата на Советот на општина Прилеп започна со утврдување на дневниот ред, а пред советниците се најдоа 30 точки. Но, советниците од опозицијата пред почетокот на седницата предложија уште една точка „Предлог – одлука за прераспределување на средствата од Пивофестот“. Точката беше повлечена од самите предлагачи по објаснувањето на градоначалникот дека манифестацијата ќе се одржи кон крајот на август.
Советниците ја продолжија седницата со разгледување на извештајот за проценка од опасностите од појава на заразни болести на територијата на Општина Прилеп кој беше едногласно усвоен.
Донесоа одлука за кофинансирање на проектот од UNDP, коj преку Форумот на заедницата го предложија граѓаните за поставување на урбана опрема – реквизити за инклузивно детско игралиште на Могила, а беа верификувани и мандатите на членовите на Локалниот младински совет на Општина Прилеп. Беше предложено и едногласно прифатено да се субвенционира превозот за отворање на автобуски линии по тарифник за превоз, наменет за жителите од населени места, кои се оддалечени од општината.
Советниците го разгледаа, но не ги усвоија: извештајот за безбедносната состојба на подрачјето на ПС од Општа надлежност-Прилеп, за првото полугодие од 2022 година и извештајот за работата на ПС од ОН Прилеп за 2022 година, наведувајќи ја како причина лошата безбедносна состојба во Прилеп и дрвократството како појава.
Советниците дадоа согласност на одлуката за задолжување на ДПТУ ,,Терминал Комуналец” Прилеп и согласност на одлуката за заложување на недвижен имот во сопственост на ЈКП Комуналец Прилрп, и гласаа за одлуката за авелирање на две меници.
Советниците дадоа согласност за формирање комисија за прием на деца, во ЈОУДГ ,,Наша Иднина”-Прилеп и ги изгласаа критериумите за прием на деца во ЈОУДГ ,,Наша Иднина”- Прилеп. А, беа одобрени и годишниот планови за вработување во 2024 година, на ООУ “Блаже Конески”-Прилеп, ООУ “Гоце Делчев”-Прилеп и ООУ “Кирил и Методиј” с.Канатларци, Прилеп.
Исто така, усвоени беа неколку предлог-одлуки за утврдување услови за донесување на урбанистичко планска документација, со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправни изградени објекти или нивна пренамена по барање на граѓани од Прилеп и наслениете места.