Членовите на Советот на Општина Прилеп денеска ја одржаа 23. Седница, на која
расправаа по 25 точки од дневниот ред. Покрај Одлуката за извршување на
општинскиот буџет, прилепските советници ги усвоија и финансиските планови на
неколку основни и средни училишта, го усвоија предлогот за измена и
дополнување на Одлуката за основање јавно претпријатие за енергетски дејности,
а донесоа и Одлуки за легализирање на повеќе бесправно изградени објекти.
„Советот расправаше за предлог Одлуката за извршување на буџетот на Општина
Прилеп, за измените и дополнувањето на Одлуката за основање јавно
претпријатие за енергетски дејности, а донесовме и Одлука за избор на членови
на управниот и надзорниот одбор на ова јавно претпријатие. На денешната
седница беа усвоени и финансиските планови за 2019 година на неколку основни
и средни училишта од општина Прилеп“, истакна претседателот на Советот на
Општина Прилеп, Миле Талевски.
Советниците ја изгласаа и одлуките за утврдување на вредноста на бодот за
пресметување на плати на ЈКП „Водовод и канализација“ и за утврдување на
пазарната вредност на градежно земјиште и макролокации на зони на градежното
земјиште во Прилеп и населените места за 2019 година.
Заради дополнување на информацијата по однос на точката за донесување на
урбанистички план за реализација на проектот „Вештачко езеро – нови авантури,
нови можности“, на предлог на седуммина советници, седницата беше прекината.