Претставници од 25 џудо клубови, ги одмерија силите на 18.Интернационелен џудо турнир „Прилеп Опен 2019“, кој се одржа денеска во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, а на кој покрај џудистите од нашата држава, учествуваа и екипи од Бугарија, Србија, Грција и Хрватска.
Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, при што на организаторот на турнирот џудо клубот „Пролетер“, му ја честиташе 40 годишнината од неговото постоење, нагласувајќи ги постигнатите успеси низ годините.
„Се надевам дека во годините што следуваат ќе имаме уште подобри резултати, затоа што учесниците, организаторите и управата го заслужуваат тоа и можат да го направат овој клуб уште подобар, со уште повеќе награди и уште подобри џудисти од нашиот град.
Убеден сум дека денешната атмосфера е одлична за натпреварување. Посакувам во еден спортски дух, во спортски натпревар, без повреди, денеска да имаме добри борби и да победат најдобрите“, кажа градоначалникот Јованоски, во неговиот поздравен говор до организаторите, натпреварувачите, спортските работници и другите присутни на турнирот.
Организаторите на денешниот турнир, врачија плакети и благодарници на многу соработници и спортски клубови од земјата и странство, а по повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3.Ноември, на свечената седница на Советот на општина Прилеп, која ќе се одржи утре, недела, со почеток во 19 часот, во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“, на џудо клубот „Пролетер“ ќе му биде доделена плакета за достигнувања од областа на спортот.