Врз основа на Законот за локална самоуправа, Советот на Општина Прилеп на седницата одржана на 23.05.2018 година, донесе Одлука за определување на локалитет на „Фестивал на пивото 2018“. Согласно донесената Одлука, манифестацијата „Фестивал на пивото 2018“ ќе се одржи на локалитетот кој ги опфаќа следните граници:
- Од север – Плоштад „Александрија“
- Од исток – крстосница на булевар „Гоце Делчев“ со улица „Прилепски бранители“
- Од југ – Плоштад „Методија Андонов – Ченто“
- Од запад – крстосница на булевар „Гоце Делчев“ со улица „Кузман Јосифоски“. Нето површината предвидена за поставување на штандови изнесува 4.176 м2.
Се забранува поставување на бини и штандови во парковските површини кои не се предвидени во графичкиот прилог даден во прилог на донесената Одлука. Се забрануваат градежни зафати (трајни или монтажно-демонтажни) на летната сцена, пред споменикот на Александар Македонски.
За паркинг простор, за потребите на фестивалот, се одредува просторот од булевар „Гоце Делчев“ со пресекот на улица „Кузман Јосифоски“ и улица „Димо Наредникот“, делот од крстосницата на булевар „Гоце Делчев“ со улица „Прилепски бранители“ до новата општинска зграда, паркингот помеѓу новата општинска зграда и зградата на Македонски Телеком и паркингот на улица „Кузман Јосифоски“ кај Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Посебните локации за фестивалот, како и поставувањето на санитарни чворови, определени се со графички прилог – „Фестивал на пивото 2018“, изработен од ЈП за ПУП Прилеп, кој е составен дел на донесената Одлука.
Пред добивањето на одобрение за начинот на користење на просторот, организаторот е должен да прибави согласност од ЕВН Македонија АД Скопје – КЕЦ Прилеп, ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп, ЈКП „Комуналец“- Прилеп, МВР – Сектор за сообраќај, Територијална ПП единица – Прилеп и други служби кои ќе го опслужуваат фестивалот. Обезбедувањето и безбедноста на фестивалот е обврска на организаторот.
Донесената Одлука на Советот на Општина Прилеп, стапува во сила осмиот ден по објавувањето во „Сл. Гласник на Општина Прилеп“.