Одбележана 102-годишнината од раѓањето на Кире Гаврилоски – Јане

По повод  102 години од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане, денеска делегации од Општина Прилеп, Совет на општина Прилеп, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и семејството на херојот, положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на местото на неговото загинување, како и пред спомен бистата во Алејата на народните херои.

„Денеска го чествуваме раѓањето на нашиот партон, човек – херој , човек од едно поинакво време во кое се родил, пораснал, се борел и загинал. Токму овој 22 февруари, ги евоцираме спомените за херојот кој живеел во еден бурен историски период, во кој со своето револуционерно дело ја направи посветла историјата на овој град и на оваа земја. Само со знаење, стекнување на нови вештини може да се освојуваат нови хоризонти. Нашите ученици се силата и иднината на нашата земја. Наша обврска е да обезбедиме квалитетни услови за работа, за одржување на наставата, за што повисоки стандарди во училиштата. На тој начин ќе создадеме цврст темел на образованието – виза за успешна иднина. Тоа е наша должност. Делата на народниот херој продолжуваат да пулсираат во срцата на сите вработени и сите учениците од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане “, посочи Кети Стевананџија, директорка на основното училиште кое го носи името на хародниот херој.

Гаврилоски е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година, како трето дете во семејството на Сава и Алекса Гаврилоски. По окупацијата на Македонија, Гаврилоски активно се вклучил во револуционерната дејност. Загинал на 9 мај 1944 година, заедно со Круме Волнароски, откако куќата во која се одржал состанок за создавање фронт за ослободување на Македонија, била опколена и запалена од бугарската полиција.