Одбележан патрониот празник на СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп

Со доделување на 10 матурски ваучери и една платена екскурзија за трета
година, на ученици од социјален ризик и ученици што постигнале значајни
резултати во учењето денеска средното училиште „Орде Чопела“ го започна
чествувањето на 76 годишнината од смртта на својот патрон, народниот херој
Орде Чопела.

Овие средства се собрани од панаѓурите,што ги организирале наставниците и
учениците од прехранбениот, нутриционистичкиот и смерот за хортикултура.

„Горди сме на ова училиште и на учениците, што учат во него. Постојат многу
струки, профили, многу ученици што излегле од ова училиште и денеска се
угледни граѓани на нашето општество“, рече Димитријанка Манолева, в.д
директор на СОУ „Орде Чопела“.

Претставници на прилепската организација на Сојузот на борци коишто
присуствуваа на денешното чествување, порачаа овие и идните млади
генерации да ги негуваат придобивките од НОБ и да го остваруваат аманетот
на херојот Орде Чопела и идеалот за кој што загинал – слободна Македонија.

„Денеска се одбележува значаен ден, патронен празник на училиштето ‘Орде
Чопела’. Како еден од најзначајните личности во НОБ,Орде Чопела покажал голема
храброст, патриотизам, пожртвуваност, којашто треба да служи за пример на
идните млади генерации за тоа, како се сака татковината и како треба да се
бори за нејзе“, рече Круме Соколоски, претседател на прилепската боречка
организација.

Освен пред бистата на Орде Чопела која се наоѓа во училишниот двор, свежо
цвеќе денеска беше положено и пред бистите на народниот херој во Алејата на
народните херои и во паркот што го носи неговото име во населбата Варош.
Чествувањата по повод патрониот празник на ова средно училиште ќе бидат
заокружени вечерва во 18 часот со богата културна програма на свечената
академија во театарот „Војдан Чернодрински“.