Во пресрет на 99 годишнината од раѓањето на кодификаторот на современиот
македонски литературен јазик – академик Блаже Конески, градоначалникот
Илија Јованоски, претставници од Општинскиот Совет и наставници, денеска
положија свежо цвеќе пред неговата биста во истоименото училиште во градот.
Во обраќањето пред присутните, градоначалникот Јованоски нагласи дека со
макотрпната работа и маркантните достигнувања како филолог, поет, прозаист,
есеист, литературен историчар, преведувач и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Блаже Конески со право го заслужува епитетот „џинот“ од Небрегово.
Брилијантните дела на Конески, денес се наоѓаат во сите универзитетски и
другите големи библиотеки ширум светот. Оттука, со гордост можеме да
кажеме дека неговиот придонес за истакнувањето на посебноста на
македонскиот јазик, е безвременски, дополни Јованоски, честитајќи им го
патрониот празник на наставниците и учениците.
Директорката на ООУ „Блаже Конески“, Ангелка Баракоска, истакна дека точно
пред 34 години во далечната 1986 година кога за прв пат одекна училишното
sвоно и го означи почетокот на работата на училиштето, визијата на Блаже
Конески е стожер на работата на генерациите наставници и ученици.
За континуираната поддршка во работењето на училиштето и неговиот придонес за подобрување на условите за настава, на денешното одбележување на патрониот празник, на градоначалникот Јованоски му беше врачена благодарница.
Благодарница за посебен придонес во одржувањето манифестации по повод
патрониот празник на училиштето, и’ беше доделена на ликовниот уметник
Павлина Илиеска – Пале.
Благодарница доби и младата поетеса Ана Марија Манческа, ученик во ООУ
„Блаже Конески“, која одлучни тргнала по стапките на училишниот патрон и на
свои 14 години ја објави својата прва книга.