Прилепското музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ денеска го одбележа патрониот празник. Делегација од Општина Прилеп,од прилепската организација на Сојузот на борци, и од основното музичко училиште положија свежи свеќиња пред бистата на херојот во Алејата на народните херои, оддавајќи му почит на борецот, којшто пред 76 години во битката кај Ореовската Корија, Битолско го даде својот живот како еден од истакнатите учесници во НОБ.
„Денеска е патрон празник на нашето училиште ‘Ордан Михајлоски – Оцка’, од Прилеп. Го одбележуваме празникот со скромна програма, во присуство на претставници од Сојуз на борци, коишто секоја година не посетуваат и им благодариме за тоа. Особено сакам да се заблагодарам на Општина Прилеп за несебичната поддршка“, изјави в.д. директорката Ролина Тутеска Димеска.
Михајлоски бил талентиран музичар и образован виолинист. Тој бил член на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, од неговото формирање на 23 октомври 1941 година. Учествувал и во создавањето на песната и химната на партизанското движење во Македонија „А бре, Македонче“.