По повод Светскиот ден на лицата со инвалидност „3-ти Декември“ делегација од Општина Прилеп и Совет на Општина Прилеп денеска го посетија дневниот центар за деца со посебни потреби „Ѕуница“, и по тој повод на дечињата им подарија училиштен прибор.
„Како вистински репрезент функционираме веќе 15 години. На децата што се сместени овде им даваме топлина, дом, храна. Им благодариме на сите оние, коишто ни помагаат и не поддржуваат во изминативе години. Заедно со локалната самоуправа, Министерството за труд и социјална политика, започнавме разговори за отварање дневен центар за возрасни деца, каде што би се анимирале според нивните можности и приоритети“, најави Живко Силјаноски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп.
Како што рече социјалниот работник во центарот, Снежана Јошеска овде редовно доаѓаат 17 дечиња. Од нив 5 се сместени во згрижувачки семејства, а другите 12 се дечиња од биолошки семејства. Тимот што работи во центарот има изработено план и програма за секоја група.
Децата од „Ѕуница“ денеска одржаа пригодна приредба заедно со членовите на извидничкиот дом „Феникс“. Директорот на МЦСР, Силјаноски на сите учесници и поддржувачи на „Ѕуница“, им подари благодарници.