Одбележан 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп

Со оддавање почит на паднатите борци во НОБ, градот првоборец Прилеп, го одбележа 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор. По тој повод, преставници од локалната самоуправа, предводени од градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, преставници од Советот, предводени од претседателот на Советот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, претставници од АРМ, политички партии, од граѓани и граѓански здуженија, положија свежо цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифоски – Питу , Могилата на непобедените и на споменикот кај месноста Песјобрдце.

„Само во последните два дена Прилеп дал 78 жртви, херои на Народноослободителната војска на Македонија. Им благодариме за идејата, за храброста и за визијата што ја имале да бидиме свои на своето. Вечно ќе се сеќаваме да не бидат заборавени, но и да им оставиме аманет на следните генерации да го почитуваат овој голем ден во чест на 3-ти Ноември 1944 година и на сите оние кои што ги положија животите за нашиот Прилеп.„- во чест на празникот истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовечски.
По повод 78 години од конечното ослободување на Прилеп од фашистичкиот окупатор, денеска пред платото на Домот на културата „Марко Цепенков“ се одржа шаховски брзопотезен турнир на отворено, во организација на Шаховскиот клуб – Прилеп, а во организација на Ротари клуб – Прилеп се одржа традиционалениот уметнички АРТ Хепенинг. Градоначалникот Јовчески, изрази задоволство од интересот на младите да бидат активно вклучени во креирање на уметноста како и желбата на младата популација да ја учи древната игра – шах.
Воедно претседателот на Совет и градоначалникот, го посетија и караванот „Собрание за граѓаните“ на плоштадот „Александрија“ и се сретнаа со прилепските пратеници во Собранието на Република Македонија: Ане Лашкоска, Петар Ристески и Миле Талевски.