Во насока на организирање на пробниот попис кој ќе му претходи на главниот попис на населението закажан за следната 2020 година, денеска во својот кабинет градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски одржа средба со претставници на Државниот завод за статистика. На средбата се разговараше за подготовките на пробниот попис кој ќе биде спроведен во 13 општини, меѓу кои и во општина Прилеп.
Државниот завод за статистика забрзано се подготвува за организација и успешно спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој ќе се одржи следната година, од 1 до 21 април. Во рамки на тие подготовки, следниот месец, од 10 до 30 јуни, на територијата на 32 пописни круга во 13 општини во нашата држава, ќе се спроведе пробен попис.
„Пробниот попис претставува симулација на главниот попис и тој за нас претставува неопходна алатка за да ги провериме сите инструменти кои што се потребни за успешно спроведување на една таква голема статистичка операција. Тоа значи дека 32 попишувачи кои во овој случај ќе бидат вработени од Државниот завод за статистика, излегуваат на терен и ги проверуваат сите методолошки аспетки на спроведувањето на попишувањето, како и организациско-техничките подготовки за пописот. Тоа нам ќе ни послужи да видиме дали сме на вистинскиот пат, што точно имаме направено, што треба да се подобри и коригира, за следната година да бидеме подготвени за успешно спроведување на таа најголема статистичка операција“, изјави Јасмина Ѓоргиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавност при Државниот завод за статистика.
Ѓоргиева вели дека во изминатите денови, Државниот завод за статистика ги информирал сите 13 општини во кои ќе биде спроведен пробниот попис, при што наишле на одличен прием и понудена соработка од страна на градоначалниците и општинската администрација во насока на негова успешне реализација.
Од Државниот завод за статистика упатуваат апел до жителите на општините во кои ќе се спроведе пробниот попис, со доверба да ги примат попишувачите и со нивните одговори да помогнат за најдобра подготовка за успешно спроведување на главниот попис, кој ќе биде поразличен од сите досегашни.
„Пописот има 3 основни карактеристики по кои се разликува од претходните: прво, единствена надлежна институција за негово спроведување е Државниот завод за статистика, потоа по тоа што ќе се применува комбинираниот метод кој подразбира попишување на терен и комбинирање со податоци од административни збирки на податоци кои веќе постојат во државата. Третата карактиристика е што ќе се спроведува електронски, без хартиени обрасци, што во голема мера го олеснува начинот на прибирање на податоците. Она што е најважно, е што таквиот начин ја забрзува постапката на прибирање и на објавување на податоците, така што конечните податоци од пописот ќе бидат објавени 6 месеци после неговото завршување“, нагласува Ѓоргиева.