Градоначалникот Илија Јованоски оствари средба со ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, Сашо Коруновски, како и со директорот на Македонската Истражувачка Мрежа „МАРнет“, Сашко Мукаетов.
Целта на средбата беше постигнување договор за стратешко партнерство помеѓу овие институции, во насока на остварување соработка за имплементација на проектот за поврзување во заедничка телекомуникациска мрежа на сите институции од областа на образованието и науката. Во тој контекст, во Битола би се формирал регионален центар кој покрај универзитетите, би ги опслужувал и основните и средните училишта, институциите од културата, спортот и невладиниот сектор, а во перспектива и останатите државни институции.
Во стратешкиот план на „МАРнет“ за градење оптички мрежи, за следната 2020 година ставени се Прилеп, Охрид и Тетово. Поставувањето оптички кабли подразбира низа градежни работи, а за почеток треба да се определат трасите на мрежата. За тоа е потребна тесна соработка со општините, со чија помош би се исцртала идеалната траса за да може до крајот на годината да се распише тендерот за проектната документација.
Градоначалникот Јованоски истакна дека Општина Прилеп безрезервно ја поддржува оваа иницијатива и дека ќе ги стави во функција сите неопходни капацитети за што побрзо и поефикасно завршување на проектот. Она што оди во прилог на проектот, е тоа што следната година во Прилеп ќе почне да се гради секундарната мрежа за гасификација на градот во должина од 20 километри, што значи дека паралелно со инсталацијата за гасификација, може да се поставува и оптичката мрежа.
Првичниот состанок заврши со назначување лица од секоја институција кои ќе бидат задолжени за меѓусебна координација, во насока на определување на трасите и скорешно распишување на тендерот за проектната документација.