Новогодишна честитка на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски

Почитувани сограѓани,

Во пресрет на празничните денови, посакувам возвишените чувства на љубов,
радост, мир и хармонија, кои со себе ги носат новогодишните и Божикните
празници, да бидат присутни во сечиј дом, во сечие семејство и во срцата на
сите нас.

Во годината што изминува, се соочивме и за жал се’ уште се соочуваме со
најголемиот предзивик на денешницата, вирусот Ковид-19, кој не го одмина
нашиот град и целосно го промени начинот на живот ширум светот.

Затоа, заедно да испратиме желби за побрзо оздравување на сите оние, кои во
моментот водат лична битка со болеста и во празничниот период не можат да
бидат со своите најблиски.Ним и на нивните семејства, да им порачаме дека не
се оставени сами на себеси, дека нивната борба е и наша.

Да упатиме благодарност и признание до хероите на новото време –
здравствените работници. Да ја уважиме нивната пожртвуваност во битката со
невидливиот непријател и нивната несебична грижа за нашето здравје.

Драги сограѓани,

Во име на колективната борба со вирусот, од која со сигурност ќе излеземе
како победници, празниците да ги прославиме одговорно и во кругот на своите
најблиски.

Во годината што претстои, сплотено и заеднички да продолжиме да работиме
на економскиот и инфраструктурниот развој на нашата општина, за подобар
живот на сегашните и поуспешна иднина на новите генерации.

Со желби за добро здравје, вам и на вашите семејства ви посакувам поубаво
утре и среќна и бериќетна Нова 2021 година.