По повод Интернационалниот ден на музеите, вечерва во Прилеп се отворени музеите, а граѓаните до еден часот по полноќ може да уживаат во убавините и вредностите на културното наследство што го содржат сите 6 вредни поставки изложени во градот и селото Небрегово. Градоначалникот Илија Јованоски, по тој повод, вечерва посети дел од музејските поставки и им го честиташе овој ден на сите музејски работници.
„Прилепскиот Завод и музеј годинава достоинствено го одбележува овој интернационален ден, во година кога Европа, ја посвети на заштита и што поголема промоција на културното наследство.Фактот што 6-те музеи во ингеренции на прилепскиот Завод и музеј се отворени во оваа ‘ноќ на музеите’ од 19 ч. па до еден часот по полноќ, е можност повеќе културното наследство да се приближи до граѓаните, до секој човек.Прилеп е богат со бројни културни поставки: археолошката поставка овде во музејот, потоа Галеријата на икони, па Спомен куќата на Кузман Јосифоски-Питу, Спомен куќата на Блаже Конески, Меморијалниот музеј „11 Октомври“, познат како Участак и Музејот за тутун. Сите овие поставки во различни временски периоди на свој начин ја раскажуваат приказната за Прилеп, како град на тутунот, град на културата, град на херои, борци за слобода, на културни дејци со огромен придонес за создавањето и негувањето на македонскиот литературен јазик и говор.Уште еднаш нека е честит празникот.Ги поканувам и јас сите граѓани што се во можност, вечерва, да ги посетат музејските поставки. Нека биде оваа вечер, вечер на културата и културните вредности. Да уживаме и да се гордееме со нашето културно богатство и наследство!“,истакна градочалникот Јованоски.
Директорот на Завод и Музеј- Прилеп, Благоја Атанасоски се заблагодари на честитката од градоначалникот.
„Сакам да се заблагодарам на градоначалникот д-р Илија Јованоски,за тоа што не удостои на овој празник, покажувајќи интерес за археолошката поставка, одбележувајќи го интернационалниот празник, Денот на музеите. Како институција ние со оваа активност се вклучуваме во одбележување на овој празник, а истовремено сме дел и од активностите во година,која што Европа ја посвети на заштита и промоција на културното наследство. Како музеј располагаме со големо национално, културно богатство за коешто нашите граѓани можеби не се доволно информирани. Затоа стоиме на располагање, не само во оваа ноќ на музеите, туку секој ден поставките може да бидат посетени“, истакна директорот Атанасоски.
Инаку, градоначалникот Јованоски, во оваа пригода упати и честитка до најдобриот музејски работник од Прилеп во 2017 година Рубин Белчески, посакувајќи му уште многу успеси во иднина и нему и на сите вработени во музејот.