Во текот на ноќните часови, од страна на засега непознати сторители, извршен е вандалски чин со кој е уништен еден од двата летниковци кои, неодамна во рамки на проектот „Маркови Кули –заштита и делување“, беа поставени на две локации на локалитетот Маркови кули.
Случајот е пријавен до надлежните служби, а Општина Прилеп и ЈНУ „Институт за старословенска култура – Прилеп“, како реализатори на овој проект во чии рамки покрај изградбата на двата видиковци, беа изработени и поставени патокази, информативни табли, информативна точка, брошури и веб страна, апелираат до сите граѓани да се воздржат од било какви понатамошни дејствија кои имаат за цел да се уништи она што се создава и треба да им служи на сите добронамерни посетители.
Исто така, апелираме и до сите граѓани и посетители кои имаат сознанија и информации за сторителите, да ги пријават во Полициската станица од општа надлежност – Прилеп.
Имајќи во предвид дека споменикот на природата и културата Маркови Кули, е место каде што се развива рекреативниот и активен туризам, и каде што се одржуваат спортски настани и активности: пешачење, болдеринг, параглајдерство, ултрамаратон, итн, зголемениот обем на посетители и развојот на туризмот неминовно предизвикува овој локалитет да биде изложен на неконтролираната експлоатација и деградација, преку штетни човечки практики.
Токму затоа, потребна е зголемена граѓанска свест за чување и добро однесување со општите добра, а во таа насока Институтот за старословенска култура во соработка со Општина Прилеп ќе организира серија на информативно – едукативни средби со граѓаните, со цел мотивирање на населението и корисниците на просторот да најдат свој интерес и да учествуваат во заштитата на просторот.