Новинарски прашања упатeни до вд директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески
Прашање: Каква е наплатата и финансиската состојба на ЈКП „Водовод и канализација“?
Одговор: Ако ме прашувате дали е добра наплатата, добра е. Ако прашувате дали може да биде подобра, исто така може да биде подобра. Додека наплатата не биде 100%, ние не треба да прекиниме да работиме, бидејќи водата е скап ресурс. Водата ја купуваме од „Студенчица“, не е без пари, ја преработуваме за што имаме дополнителни трошоци и потоа ја доставуваме до корисниците. Финансиската состојба на претпријатието е стабилна, сите обврски редовно ги сервисираме. Нема обврски кои пристигнале, а не сме ги исполниле.
Прашање: Дали заради неплатени две сметки за вода, ќе им ја исклучувате водата на граѓаните?
Одговор: Не! Согласно Законот за води, ние исто како дистрибуцијата на струја, имаме право да ги преземеме сите законски можности во рамките на позитивната регулатива за да го наплатиме побарувањето. На располагање ни стојат две можности: да тужиме или да исклучуваме. Каква мерка ќе преземеме ќе зависи од нас, односно од ситуацијата во дадениот момент. Дали имаме законска можност да исклучуваме – апсолутно имаме. Дали таа мерка ќе ја спроведеме или ќе тужиме, како што реков, ќе зависи од ситуацијата. Ако имаме друга можност да ги наплатиме побарувањата, нема да исклучуваме. Ако има граѓани кои не плаќаат, наша обврска е да најдеме начин истите да ги подмират обврските, затоа што ако продолжи трендот на неплаќање и ако јавното комунално претпријатие се доведи во лоша финансиска ситуација, ќе се доведе во прашање водоснабдувањето на цел град. Сите граѓани се важни, без никаква дискриминација. За мене сите граѓани се исти, без разлика на нивната партиска, етничка или друга припадност.
Прашање: Каква е моменталната ситуација со водоснабдувањето на градот и што очекувате понатаму?
Одговор: Во моментов ситуацијата е стабилна. Издашноста на Студенчица е над 1.000 литри во секунда, од регионалниот водовод за Прилеп доаѓаат нешто повеќе од 200 литри вода во секунда. Очекувам дека и на пролет и за време на летото ќе имаме доволно количини на вода за подмирување на потребите на сите граѓани.
Прашање: Дали ќе се зголеми цената на водата?
Одговор: Цената на водата во 2018 година останува иста во однос на минатогодишната. Но, имајќи ги во вид препораките и решението од Регулаторната комисија која што не задолжува да ја зголемиме цената на водата на 29,7 денари за кубен метар, ЈКП „Водовод и Канализација“ најде правен начин,во рамките на опсегот од 12.62% да ја намали цената на водата на 26.22 денари. Ова секако во консултација со градоначаланикот Илија Јованоски,којшто во предизборието вети намалување на цената на водата. Овие нови калкулации потврдуваат дека Прилеп е општина која што на граѓаните ќе им сервисира здрава, исправна и чиста вода за пиење по пониска цена.