Предуслов за изградба на зелени површини, зеленило и хортикултура, е да се обезбеди техничка вода за нивно полевање. Од денеска, ЈКП „Комуналец“ започна со градежни активности за инсталирање на водоводна мрежа на сите површини помеѓу зградите во населбата „Ѓогдере“. Поставена е пумпна станица во ископаниот бунар со издашност од 9 литри во секунда, кој во целост ќе ги задоволи потребите за полевање на предвидените површини.
Планирано е да се обноват зелените површини, да се постават нови клупи и корпи за отпадоци и да се изврши ново хортикултурно уредување. Од следната пролет овие зелени површини ќе се полеваат, со што ќе се обезбеди поквалитетен живот на граѓаните, а воедно ќе се подобри и визулениот изглед. Комплетната зелена површина во комплексот згради „Ѓогдере“ изнесува 11.641 м2.
Парковските површини ќе ги обновува ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, а финансиските средства ќе ги обезбеди Општина Прилеп, преку Програмата за одржување на паркови, зеленило и парк шуми и Програмата за изградба и подигање на зелени површини, а согласно Законот за јавна чистота и Законот за зеленило.