Советот на Oпштина Прилеп не го прифати предлогот на Регулаторната комисија,
цената на водата да изнесува 29, 69 денари за метар кубен, туку со гласовите на
владејачкото мнозинство беше изгласано, таа да изнесува 26,22 денари за метар
кубен.
„Советот одлучи водата да остане на досегашното ниво, односно нејзината цена
да изнесува 26,22 денари за метар кубен. Доколку се прифатеше предлогот на
Регулаторната комисија, цената на водата ќе беше зголемена за 20-30%, што
значи дека за исто толкав процент нејзината цена е намалена. Со нејзиното
останување на висина од 26,22 денари за метар кубен, значи дека го исполнуваме
ветувањето дадено за време на кампањата за локалните избори“, изјави
градоначалникот Илија Јованоски.
ВД директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, рече дека
Регулаторната комисија за прв пат ја определува тарифата за да обезбеди
финансиска одржливост на јавните комунални претпријатија. Регулаторната
комисија, како што изјави Јанески, ја дава просечната тарифа врз основа на која
по соодветна формула се пресметува, која е средната цена на водата за
физичките и правните лица.
„Врз основа на тоа, јавното комунално претпријатие има можност да ја зголеми
или намали просечната тарифа за водните услуги. На инсистирање на
градоначалникот, ЈКП „Водовод и канализација“ во целост ќе се потруди да ги
намали целокупните трошоци и со тоа просечната цена на водата предложена од
Регулаторната комисија за 2018 година, да ја намали за 12,61 отсто. Тоа значи
дека цената на водата останува непроменета и ќе изнесува 26,22 денари за метар
кубен“, најави Јанески.
Советниците на Општина Прилеп денеска не ги изгласаа предлог одлуките за
усвојување на тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП
,,Пазари’’ во период од 01.01.2017 до 31.12.2017 год. како и предлог одлуката за
усвојување на годишниот извештај за финансиското работење ЈКП ,,Пазари’’ за
период од 01.07.2017 до 30.09.2017 година. Според образложението на
Александар Китаноски, претседател на Комисијата за финансирање и буџет
евидентирани се недоследности во извештаите. Претседателот на Советот, Миле
Талевски акцентираше дека овие извештаи поседуваат голем број нејаснотии и
несоодветни податоци.
„Денеска Советот на Општина Прилеп ја одржа својата 9-та седница на дневен
ред. До советниците беа доставени и материјалите за тримесечниот извештај за
финансиското работење на ЈКП ,,Пазари’’ за претходната година. Во овој извештај
имаше голем број нејаснотии. Затоа Советот донесе Одлука да не се усвои
завршната сметка на ова комунално претпријатие. Ние како Совет најбрзо ќе
побараме да се изврши ревизија врз работењето на претходното раководство на
ЈКП „Пазари“. Ова зашто материјалите што се доставени до Комисијата за
финансирање и буџет не се совпаѓаат со реалната работа на ова претпријатие.
Освен тоа донесовме битна Одлука за почеток на проектот ‘Социјална
мобилност“. Локалната самоуправа со овој проект, ќе им помогне на социјално
загрозените семејства, ќе придонесе за подобрување на условите за живот на
овие граѓани“, истакна претседателот на Советот, Талевски.
На денешната 9-та Седница на Советот се усвоени и финансиските извештаи за
сите средни и основни училишта, откако претседателот на Комисијата за
финансирање и буџет, Китаноски ја пренесе комисиската оценка, дека извештаите
се уредни.
И оваа седница на Совет помина со дополнителни точки.
Со 15 гласа „ЗА“ и 11 гласа „Против“ беше донесена Одлуката за давање
согласност и овластување за потпишување на Договор за грант, помеѓу Република
Македонија и Европска инвестициона банка за проектот: ,,Водоснабдување и
одведување на отпадни води“. Овој проект е потпишан меѓу Општина Прилеп и
Министерство за транспорт и врски на Република Македонија.
На седницата беше усвоена Предлог програмата за култура за 2018 година. Оваа
точка едногласно беше усвоена, а советниците од редовите на ВМРО –ДПМНЕ
посочија дека се задоволни од изготвувањето на програма во која стои и
поставување на спомен одбележја на Мирче Ацев, Битката на ножот и Дуче
барабанџијата. Советниците денеска ја изгласаа и Програмата за изменување и
дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето
на Општина Прилеп за 2018 година.