На Водици во Прилеп по втор пат најсреќен беше Марко Ристески!

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и претседателот на Совет на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со верниците од Прилеп го прославија празникот Богојавленије Водици, присуствувувајќи, најпрвин на Светата Божествена Литургија во црквата Св. Благовештение, а потоа и на чинот на осветување на водите во базенот во дворот на црквата. Од дваесетмината верници кои скокаа по Светиот Крст, годинава по втор пат најсреќен беше четиринаесет годишниот Марко Ристески кој го фати крстот во базенот во дворот на црква „Свето Благовештение” каде се одвиваше традиционалното осветување на водите во Прилеп. Среќното момчето беше радосно што успеа прв да го извади крстот од водите на базенот, а за тоа доби подароци од црквата, општествено одговорни фирми и од градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

„Во оваа прилика сакам да им го честитам празникот, најпрвин на сите прилепчани, на претставниците на црквата, на свештените лица, на нашата Македонска Православна Црква, на Преспанско-Пелагониската Епархија и впрочем на сите православни христијани и на сите Македонци. А, на момчето кое го фати Светиот Крст му посакувам да го следи среќа оваа година, него и неговото семејство, да имаат добро здравје, мир и бериќет. Денес испраќаме порака да останиме здрави и живи, да ги пребродиме сите премрежја со кои се соочуваме како народ и како држава и со верба во Бога да останиме сплотени и цврсти во намерата дека мораме да останиме свои на своето и да имаме просперитет во оваа нова година. Нека ни е за многу години празникот, Бог се јави!” – рече градоначалникот Јовчески.
 Традицијата за Водици, привлече голем број прилепчани да се најдат и на утринската литургија во црквата „Свето Благовештение” и да земат од осветената вода за здравје, а во духот на верата прилепчани го извршија и традиционалното „летање на гулаби“, како симболика на Светиот дух кој во вид на гулаб слетал на реката Јордан во моментот кога Исус Христос бил крстен од Јован Крстител.
Освен во Прилеп, чинот на положување на Светиот Крст во водите во чест на Христовото Богојавленије, се одржа и во населените места Селце, Витолиште, Бешиште, Ново Лагово, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Полчиште, Галичани, Чепигово, Подмол,Тополчани, Штавица и Загорани, каде присуствуваа советници од Советот на Општина Прилеп, а во некои населени места на овој чин присуствуваше и Градоначалниот и претседателот на Совет на Општина Прилеп.