На иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски, синоќа во големата сала на Општина Прилеп се одржа Граѓанскиот парламент.
Во максимално конструктивна атмосфера, пред голем број претставници на урбаните и месните заедници, невладиниот сектор, спортски клубови и други граѓани, градоначалникот Јованоски ги презентираше проектите кои Општината ќе ги реализира до крајот на тековната 2019 година.
Јованоски нагласи дека во текот на овој месец, започнува реализацијата на неколку исклучително значајни проекти, како што се реконструкцијата на Градскиот стадион и булеварот „Гоце Делчев“, изградбата на мостот во населбата „Сточен пазар“, како и проектите за вештачкото езеро и Марковите Кули.
„На Градскиот стадион изградена е северната трибина и поставена покривната конструкција, а продолжуваме со реконструкција на јужната и западната трибина и оградниот ѕид. Следната недела започнува изградбата на мостот кај населбата ‘Сточен пазар’ кој ќе биде завршен до крајот на градежната сезона. Третиот проект чија реализација започнува, е реконструкцијата на булеварот ‘Гоце Делчев’ на потегот од споменикот ‘Карпалак’ до ‘Апекс’ и понатаму до кружниот тек кај Поштата. Од септември на располагање ќе ги имаме четирите нови автобуси на метан, а започнуваат и работите на проектот за вештачкото езеро, каде ќе се прават велосипедски и пешачки патеки, спортски игралишта и други содржини. Тука е и проектот за Марковите Кули, како и тековните проекти за уредување, рехабилитација и реконструкција на голем број улици во градот“, истакна градоначалникот Јованоски.
Покрај тоа, Јованоски ја најави имплементацијата на проектот за изработка на Детални урбанистички планови за триесетина населени места во општина Прилеп, а после ребалансот на буџетот во месец август, ќе биде распишан нов тендер за тампонирање и асфалтирање на улици и во градот, но и во населените места.
После презентацијата на проектите, следуваше дискусија на која градоначалникот и директорите на јавните претпријатија, со присутните разговараа за проблемите со кои граѓаните се соочуваат во секојдневниот живот. Истовремено, на Граѓанскиот парламент беа изнесени повеќе предлози, чија имплементација ќе придонесе за создавање подобри услови за живеење како во градот, така и во населените места во општина Прилеп.