На дневната агенда на ЈКП „Комуналец“ се населбите „Варош“, „Тапани“ и „Точила“

Екипите на ЈКП „Комуналец“ работат интензивно на повеќе локации во градот,
зашто целта е урбанизирање на сите делови од Прилеп. Во моментов се засилени активностите во населбата „Варош“, кај амфитеатарот, каде што се обновува уништената урбана опрема и се чистат парковите.

„Зелените површини од амфитеатарот во 'Варош' се искосени и исчистени. Се обнови и детското игралиште, а граѓаните од тој дел ќе добијат и сосем нови
клупи. Активно работиме и во населбата ‘Точила’. Ги обновивме двете игралишта за кошарка и одбојка со нов песок и нова мрежа. Се интервенира и во населбата ‘Тапани’ со чистење и доуредување на парковската површина“, истакна Звонко Јованоски директор на ЈКП “Комуналец“.

Варошани се задоволни од интервенциите на ЈКП „Комуналец“, но се жалат на
несовесните граѓани коишто, како што велат, ја загадуваат и демолираат
населбата. Пишуваат графити, ги кршат светилките и оставаат ѓубре на сите
страни.

“Сето ова е убаво што се прави, што се работи. Но, не чини, бидејќи уште
вечерва ќе се растури. Не, од децата, туку од возрасните. Апелирам до
градоначалникот да има стражар, човек кој ќе го набљудува местото“.

“Сето ова е многу убаво. Ова е убаво место, беше запоставено многу години.
Јас мислам дека и понатаму треба да се одржува“.

“За поздравување е акцијата. Мислам дека треба да се продолжи“, велат
жителите на населба Варош.

ЈКП „Комуналец“, активно работи и во парковите во населба „Точила“, со цел
на граѓаните да им се подобрат условите за спорт, рекреација и релаксација.

„Одбојкарското игралиште се посеа со песок, поставивме и нова мрежа, ги
затегнуваме  жиците околу игралиштата. Езерото ќе биде ставено во употреба.
Старите клупи ќе бидат фарбани и обновени и за неколку дена целиот
рекреативен дел ќе биде среден во населбата ‘Точила“, изјави Младен
Цветаноски, раководител на секторот – паркови и зеленило во ЈКП
„Комуналец“.

Паркот во населбата „Точила 1“ е на површина од 23 илјади метри квадратни, а
зелените површини се полеваат со техничка вода.