„Почитувани 53 –от Македонски театарски фестивал го прогласувам за отворен. Уживајте во театарските претстави!“, порача заменик министерот Владимир Лазовски, на свеченото отворање на фестивалот, во преполната сала во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Од името на градот домаќин, на сите учесници на фестивалот и на публиката, добредојде им посака градоначалникот Илија Јованоски.
„Вечерва Прилеп ги отвора вратите на храмот на Талија. Една недела градот ќе живее со театарската уметност, со 53-тото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Љубителите на театарот со изострени критериуми низ годините, ќе анализираат, но пред сè ќе ја вдишуваат естетиката на говорот, на актерската игра, низ визурата на врвните режисери“, рече градоначалникот Јованоски.
Тој во својот поздравен говор, акцентираше дека дадените ветувања дека Прилеп ќе им нов театар, ќе се остварат, зашто како што рече, интензивна е соработката на релација Општина Прилеп и Министерство за култура.
„Како градоначалник на градот којшто 53 години е домаќин на најреномираната театарска манифестација во државата, чувствувам одговорност кон фестивалот, кон актерите на матичната театарска куќа „Војдан Чернодрински“, но и кон сите годинешни и идни генерации уметници, коишто со својата посветеност го плетат уметничкото театарско платно на Македонија. Затоа сакам да најавам и од оваа уметничка сцена, Општина Прилеп и Министерството за култура, остваруваат интензивна соработка, со цел градот да добие нов и репрезентативен театар, којшто ќе ги исполнува сите современи стандарди за работа и современа техничка логистика на актерите, сценаристите, режисерите, на сите уметници кои се дел, од, без поговор, единствената професија, која што твори со најнепосреден фитбек со публиката. Ова, им го ветив на актерите, на сите вработени во матичната куќа во Прилеп, и ветувањето ќе биде остварено. Прилеп, театарот во Прилеп, мора да добие нова сцена, нов современ уметнички храм. Впрочем, тоа му го должиме и на овој фестивал“, рече градоначалникот Јованоски.
При тоа им оддаде почит на двајцата истакнати театарски дејци, родени во Прилеп, кои што имаат огромен придонес за македонскиот театар и фестивалот, Илија Милчин и Кирил Ристоски.
„Во година кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Милчин и 70 од раѓањето на Ристоски, да се вратиме во времето на нивниот огромен влог и посветеност, нивниот придонес за опстојот и развојот на Македонскиот театарски фестивал. Затоа ни смртта, не ги брише од незаборавот. Им се поклонувам на овие мои сограѓани, токму од оваа сцена, на која тие неуморно твореа до последниот здив.Споменот на великаните, нè враќа повторно до страста и жарот на секој артист, кој што има свој удел во таа извонредна креација, на секогаш, премиерни изданија, на врвни дела на сцената“, рече градоначалникот Јованоски, посакувајќи им на актерските екипи „со целата енергија и креативност, во синхронизирана игра на сцената, да нè водат до сижето на претставите“. А, на публиката „пријатни мигови со репертоарот на годинешниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
„Театарската магија ќе живее наредните осум фестивалски дена. Ќе уживаме заедно со публиката која веќе најавува дека ќе имаме полни сали. Тоа ме одушевува. Да му посакаме на овој фестивал, којшто трае преку половина век, да трае уште векови и да ги радува идните генерации што доаѓаат“, порача уметничката директорка Катарина Коцевска.
Годинешни лауреати, на наградите за животно дело се: актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов.
„Наградава многу ми значи. Тамаан кога мислев дека сум завршил со кариерата, доаѓа едно признание од моите колеги, коишто покажуваат дека не ме заборавиле, дека сè уште сум ‘жив’ како на сцена, така и во нивните сеќавања, а така и кај публиката. Театарската е најубавата професија. А, особено е убаво чувството, кога за тоа ќе добиеш награда“, изјави Арсовски.
„И да се заблагодарам на сите режисери, коишто досега ја искажаа својата доверба и ме ангажираа во нивните проекти. Да се радуваме на чинот на создавање театарска претстава, филм, телевизиска драма, телевизиски филм или серија“, рече Константинов.
Распродадените карти за 53-то издание на „Војдан Чернодрински“, неколку дена пред почетокот на фестивалот се само потврда дека интересот на љубителите на театарската уметност и почитувачите на фестивалот е огромен. Инаку во официјална конкуренција на овој фестивал се 12 претстави од исто толку театри во Македонија.