Мото клубот „Sons of Thunder MC“ – добитник на награда плакета „3-ти Ноември“

Мото клубот „Sons of Thunder MC“ од Прилеп, годинава беше добитник на наградата- плакета „3-ти Ноември“. Клубот е формиран во 2008 година. Според неговите членови мото братството е филозофија на живеење, следејќи ги традиционалните вредности на еден моторџиски клуб.

Според претседателот на мото клубот, Симеон Стојчески, „Sons of Thunder MC“, контактира со сите клубови во Македонија и во странство. Секојдневна комуникација има особено со клубовите што имаат традиционална карактеристика.

Стојчески вели дека мото културата во Македонија е на едно завидно ниво.

Во 2008 година клубот ја организира „Мото турата- Мариово“ чија цел е промоција на мариовскиот крај, како една недопрена средина. Турата се организира 5 години и за овој период станува вистинска хит дестинација за сите моторџии од цела Европа.

Во рамките на оваа тура, како што велат од клубот, моторџиите ги разгледуваат убавините на Мариово, зашто се посетуваат речиси сите населени места. Учесниците се забавуваат, но манифестацијата има и едукативна цел. Учесниците се обучуваат како се дава прва помош во случај на повреден мотоциклист, се организираат крводарителски акции, во техничкиот дел како најбрзо да се промени гума и сл.

Клубот планира во иднина да се возобнови оваа тура, од која голем бенефит би имал градот.

Стојчески вели дека наградата „3-ти Ноември“ за клубот е дополнителен мотив за преземање поголеми чекори кон организација на евенти од хуманитарен и меѓународен карактер. Со тоа Прилеп би се промовирал и како центар на мото културата во Македонија.