Комисијата за општествени дејности и правата на децата при Советот на општина
Прилеп, на минатонеделната седница донесе Одлука за исплата на
неисплатените средства од буџетот на Општина Прилеп, на спортисти –
освојувачи на медали во 2019 година, кои не им беа исплатени заради непотполна
документација.
Висината на средствата кои се уплатени на жиро-сметките на спортистите, а кои
во зависност од постигнатите резултати се движат од 3.000 до 15.000 денари, се
утврдуваат согласно Правилникот за утврдување на критериумите и постапките за
доделување на средства од буџетот на Општина Прилеп за спортисти –
освојувачи на медали на светско, европско, балканско, државно првенство или куп
натпревари.
По тој повод, градоначалникот Илија Јованоски во својот кабинет ги прими
младите прилепски спортисти, Антонио Митрески, Матеј Смилевски, Симеон
Столески, Михаела Даноска, Борис Џагадуроски, Андреј Смилевски, Елеонора
Илиоска и Христијан Здравески. Честитајќи им на постигнатите резултати и
освоените медали, градоначалникот Јованоски пред се’ им посака добро здравје,
успех во учењето и постигнување уште поголеми успеси на спортски и на
приватен план.