Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,
денеска престојуваше во посета на прилепскиот регион.
На средбата со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, министерот
Димковски се интересираше за реализацијата на средствата од Програмата за
рурален развој, каде Општина Прилеп аплицираше со три проекти.
„Разговаравме да видиме како одат подготовките за реализација на овие
средства, бидејќи парите се резервирани во буџетот и тие треба максимално да
бидат искористени во текот на оваа година. Исто така разговаравме и за огласот
кој е во тек на кој можат да аплицираат планските региони, а кој се однесува на
тампонирање на патиштата кои водат до земјоделските површини“, изјави
министерот за Димковски.
Градоначалникот Илија Јованоски ја потенцираше одличната соработка помеѓу
Општина Прилеп и Министерството за земјоделство, шумарство и
водостопанство, односно Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и
руралниот развој, за што сведочат трите одобрени проекти во висина од околу 60
милиони денари.
„Едниот проект е за урбанизација на 30 села во општина Прилеп, вториот за изградба на патот помеѓу селата Волково и Прилепец и третиот проект е за патот од Прилепец до манастирот ‘Св.Никола’. Ова е одличен приемр како треба да изгледа сораборката помеѓу една општина и Агенцијата за рурален развој. Исто
така сакам да напоменам дека е во тек постапката за тендерот кој го одобри Министерството за земјоделство во висина од околу 30 милиони денари, од кои половината ќе бидат искористени за тампонирање на пристапните патишта до земјоделските површини во Пелагонискиот и Струмичкиот плански регион“, истакна градоначалникот Јованоски.
Министерот Трајан Димковски, градоначалникот Илија Јованоски, пратеничката
Кети Смилеска и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски го
искористија саботниот пазарен ден во Прилеп, за посета на градскиот пазар,
после што го посетија и населеното место Канатларци. Со жителите на
Канатларци беа отворени повеќе теми поврзани со земјоделската проблематика,
меѓу кои и за распределбата на државното земјоделско земјиште.