Милионски загуби и расипани автобуси за градскиот превоз – тешка состојба во ЈП ПУП

Гледано од финансиски аспект, Јавното претпријатие за просторни и
урбанистички планови (ЈП ПУП) се наоѓа во крајно тешка состојба. По
завршната сметка за 2017 година, евидентирани се загуби од 5 милиони денари,
а обврските на претпријатието изнесуваат околу 10 милиони денари. Во исто
време, состојбата на возниот парк што се користи за јавниот превоз е
катастрофална, бидејќи од вкупно 12 автобуси, со колку што располага ЈП
ПУП, само 3-4 од нив се ставени во функција на граѓаните.

Тоа беа главните поенти кои на денешната средба со новинарите ги истакна
Славе Петрески, вд директор на ЈП ПУП. Петрески рече дека само кон 6
доверители, претпријатието должи 6,2 милиони денари, 2,2 милиони кон
основачот, Општина Прилеп, додека останатиот долг е кон поситни доверители.
Според првиот човек на ЈП ПУП, фактурите покажале дека резервните делови
за автобусите се набавувале по нереални цени, а високи суми биле плаќани за
услугите вршени за потребите на јавното претпријатие.

„Анализата на влезните фактури покажа дека по нереални, многу повисоки
цени се вршела набавка на резервни делови и услуги за потребите на ЈП ПУП.
Набавени биле гуми за автобусите по цена од 17.200 денари, а истите во
малопродажба изнесуваат 13.000 денари, додека само за поправка на
автобусите, ЈП ПУП има долг од 860.000 кон механичарката работилница
„Егализирко“, нагласи Петрески.

Кога е во прашање состојбата на возниот парк за јавниот превоз, Петрески
истакна дека ЈП ПУП располага со 12 автобуси. Во моментов, 5 од нив се
надвор од употреба, а 3 се користат за превоз на ученици и работници во
„Гентерм“. За градскиот превоз остануваат само 4 автобуси. Еден до два
автобуса се речиси постојано во дефект, што значи дека јавниот превоз се врши
само со 2 до 3 автобуси.

„Состојбата со автобусите за градскиот превоз е алармантна. Со
градоначалникот Илија Јованоски бараме итни решенија за набавка на
автобуси, кои што ќе бидат ставени во функција и со што конечно ќе може да
кажеме дека Прилеп има јавен превоз. Јасно е дека засега не можеме да купиме

нови автобуси, бидејќи се многу скапи, меѓутоа на пазарот можат да се најдат
половни автобуси кои се во добра состојба. Каде и како се потрошени парите за
набавка на автобуси и зошто вакви амортизирани возила се купувани, треба да
одговори претходното раководство“, истакна в.д. директорот на ЈП ПУП, Славе
Петрески.

Александар Јошески, раководител на „Градски превоз“, ја потврдува лошата
состојба на автобусите за јавен превоз.

„Автобусите се стари 20 години, а моментално во возна состојба се само три.
Секој ден се соочуваме со прекини на линиите. Имаме проблем, еден автобус
пуштаме, се расипува, така што и ние не можеме ред да му фатиме на
автобусите, е не пак патниците. Потребна е обнова на возниот парк, колку и да
се трудиме да ги оспособиме овие автобуси, тие веќе си го отслужиле своето. За
непречено одвивање на јавниот превоз и за потребите на граѓаните, неопходни
ни се најмалку 10 автобуси“, истакнува Јошески.

Годишно ова претпријатието од Општина Прилеп е субвенционирано со 10
милиони денари. Од нив 6 милиони денари се за набавка на нафта за
автобусите.

Инаку, во ЈП ПУП се вработени 86 лица.