На 14. Меѓународен фестивал на детско творештво „Креативна чаролија“ што се одржа во Бања Вруици – Србија, учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ од селото Мало Коњари и наставничката Маја Бунтеска, го освоија првото место за образовниот филм со наслов ‘Надворешната средина – училница на 21 век’. Темата на која учениците и наставниците се претставуваа оваа година, беше ‘Го реформираме образованието’.
На фестивалот што се одржува во организација на Жељана Радојлич Лукич, годинешната претставничка на Србија на престижниот натпревар за наставници GLOBAL TEACHER PRIZE, учествуваа екипи од целиот Балкан. Учениците се натпреваруваа во пет категории и тоа: литаратурно творештво, ликовно творештво, музичко творештво, драмско творештво и детски креативен филм (филмско творештво). Нивните наставниците пак се натпреваруваа во своите вештини за подготовка на екипите и тоа во две категории: најдобра приказна од училницата и образовен филм на тема ‘Го реформираме образованието’.
„Оваа година ‘Креативна чаролија’ се одржа на 25 и 26 мај. Учесниците симболично се маскираа во маски што асоцираат на темата на фестивалот ‘Небото не е граница’, и така дефилираа по улицита на Бања Вруици. Исто така, го посетија детскиот образовен центар ‘Чаробно село’, каде што учениците добија дополнителни информации преку интересни воспитно-образовни активности. Овој едукативен комплекс има задача да ја развие креативноста на децата“, изјаву наставничката Маја Бунтеска.