Околу 200 матурани кои своето средно образование го завршија во СОУ Гимназија
„Мирче Ацев“, вечерва на мала свеченост организирана во нивното довчерашно
училиште, ги добија своите дипломи. Среќни и горди, полни со ентузијазам и
енергија, раскажуваа за своите идни планови. Првенецот на генерацијата,
Христијан Ржаникоски, посочи дека е голема честа да се биде избран за првенец на
генерација.
„Голема е честа да се биде избран за првенец на генерацијата, бидејќи тоа значи
дека сме постигнале голем успех во овие четири години. Се надевам дека и
понатаму ќе ме следат успеси. Ќе се запишам на Електротехничкиот факултет во
Скопје“, вели Христијан.
Среќна и успешна иднина на своите досегашни ученици, им посака директорот на
Гимназијата, Диме Настески, кој во нив гледа идни инженери, професори, успешни
бизнисмени, но и успешни занаетчии.
„Како и секоја година, така и оваа заминува генерацијата на матуранти 2017/18. Вечерва ги добиваат дипломите, а ме радува фактот што желбата за запишување на факултет е 100 отстотна и што со оваа знаење тие може да конкурираат на било кој факултет, како во нашата држава и во странство. Веќе имаме најавено 20 ученици кои ќе студираат во странство, каде ги признаваат нашите дипломи. Тоа за нас, за нашата Гимназија која била и остана да биде расадник на млади и талентирани генерации, е голема гордост и успех“, посочи Настески.
Матурантите, дипломите ги добија во присуство на своите класни раководители,
професори, претставници на локалната самоуправа и бројни роднини и пријатели.