„Во Прилеп се врати демократијата!“ Вака коментираа синоќа прилепчани, коишто имаа можност да ја следат отворената трибина на тема:„Како до подобро информирање за иницијативи на граѓани: обука за мало новинарство“, во организација на НВО „АГТИС“, на која што беше гостин градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, а се одржа на платото пред Градскиот саат во пријатна вечерна атмосфера.
„Нема ниту една тема, која што е од интерес на граѓаните, а да биде табу за мене или за општински служби. Одговараме и ќе одговараме на сите прашања,зашто се што работиме е исклучиво во функција на подобар живот на граѓаните. Не сакам да се мешам во работата на медиумите. Тоа не ми е дозволено, никако. Но, сепак сакам да порачам, на сите новинари, будно да ја следат работата на Општина Прилеп и мојата работа како градоначалник.Да поставуваат прашања кои се од вистинска важност за нашиот град, за напредокот на нашиот град, на нашите сограѓани.Медиумите битно е да пласираат точни, вистините и навремени информации за граѓаните, а не да креираат спинови, каква што беше праксата изминативе години. Со помош на објективната критика на медиумите, со медиуми кои што се вистински коректор на работата на власта, заеднички ќе градиме современо општество според евростандарди во сите сфери од нашето живеење. Тоа е мојата и заложбата на новата локална власт во Прилеп,“порача градоначалникот Јованоски.
Говорејќи на темата, претседателот на „АГТИС“,Александар Цветкоски, истакна дека овој проект насловен „Рурално и мало новинарство преку Отворена Телевизија – ОТВ“, поддржан од амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, всушност ја зголемува медиумската понуда за граѓаните за општина Прилеп и двете рурарлни општини Долнени и Кривогаштани.
„Самиот проект има намера да креира мрежа на локални репортери по општините во Пелагонискиот плански регион, посебно во оние општини, за кои Прилеп обезбедува одредени институционални услуги. Заради што тие би ни биле потребни? За да бидат очи и уши на Отворена Телевизија Прилеп и на медиската заедница во 4 земји: Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија, но не за големите приказни, кои ги пренесуваат „големите медиуми“. Сами знаете дека се ова комерцијални медиуми, нивното функционирање чини многу пари, па затоа, тие се дел од пазарот на медиумски услуги. Поинаку – медиумите мораат да трчаат по парите, затоа што ќе пропаднат. ОТВ не е комерцијален медиум и затоа бараме начини на функционирање со малку пари и со широка мрежа посветени локални репортери, кои ќе ги има во секое село, на секое место и ќе ги следат настаните и приказните, кои се случиле, кои не се случиле, а требало да се случат или активностите кои се планирани во иднина“, рече Цветкоски.
Трибината со која модерираше актерот Милан Секулоски, предизвика голем интерес кај граѓаните. Тие поставуваа прашања, се интересираа за низа локални теми и проблеми:дали ќе се најде решение за скелињата за тутун и хаварисаните возила коишто се наоѓаат на тротоарите, дали инсектите коишто се јавуваат во зголемен број се опасни за здравјето на граѓаните, дали со влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, ќе се подобри статусот на младите луѓе во градот и други.
Градоначалникот Јованоски одговараше на сите прашања, истакнувајќи го фактот дека Општина Прилеп работи согласно со сите законски регулативи. Дека се вложуваат напори, одредени аномалии од комуналното живеење кои што граѓаните ги сметаат за привилегија, тешко,но сепак се менуваат, доколку се спротивни на закон, а во функција на олеснување на животот на заедницата.
Што се однесува до влезот на Македонија во НАТО и ЕУ,градоначалникот Јованоски порача, дека со евроинтеграцијата ќе следи процес на примена на сите современи евро стандарди коишто ќе значат Европа да биде во сечиј дом, а не младите да бегаат од родниот дом, во потрага по подобри услови за живот.