КУД „Мирче Ацев“ (ветераните на друштвото) е добитник на годинешната плакета „3-ти Ноември“, што коинцидира со одбележувањето на јубилејот 70 години постоење на овој реномиран ансамбл. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во април, на иницијатива на работници во прилепскиот Тутунски комбинат. На почетокот функционирале три секции: фолклорна, пејачка и драмска. Од драмската секција потоа произлегол народниот театар „Војдан Чернодрински“.
Во своето постоење КУД „Мирче Ацев“ има одржано концерти на сите континенти. Низ друштвото поминале над 4.000 членови во текот на овие 7 децении, а во него членувале и сега познати естрадни уметници како што се: Блага Петреска, Ѓорѓи Желчески, Захаринка Милошевиќ, Елена Велеска …
За ветераните од КУД „Мирче Ацев“ плакетата „3-ти Ноември“ е поттик за понатамошна работа со младите членови, коишто се иднината на друштвото.