Љубителите на кубанската музика, танци и култура воопшто, ќе може да уживаат во настапот на кубанскиот бенд „ЕКОС Фламенко“, којшто ќе настапи со своја целовечерна програма во Прилеп. Вечерта посветена на кубанските танци ќе започне во 20:00ч. во големата сала од центарот за култура „Марко Цепенков“.
Оваа културна содржина е дел од богатата програма на центарот за култура „Марко Цепеков“, што се одржува во соработка и со поддршка на Општина Прилеп.
„Членовите на ‘ЕКОС Фламенко’ се танчери со огромен талент, обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенко фигури во светот. Учествувале во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапувале на фестивали, како и на голем број национални и интернационални случувања во земјата. Што ќе рече имаат референтна позиција во кубанската музичка танцувачка панорама. Бендот е основан во Куба во 1999 година од страна на искусна група танчери и музичари. Припаѓа на хаванаскиот танцов центар на Националниот совет на сценографски уметности на Куба на Министерството за култура. Нивното гостување во Македонија е дел од специјален проект на Министерството на Куба, а по покана и во соработка со Министерство на култура на Македонија – односно настапите во Македонија се дел од „EUROPE TOUR 2018“, истакнуваат од центарот за култура во Прилеп.
Уживајте во забавата, овие летни, први септемвриски денови!