Кривична пријава за поранешниот директор на ЈКП „Комуналец“, Златко Ристески

Заради злоупотреба на службената положба и овластување, денес до Основното јавно обвинителство и Полициска станица од општа надлежност – Прилеп, поднесена е пријава против екс директорот на ЈКП „Комуналец“, Златко Ристески.

„Постојат основани сомневања  и докази, дека поранешниот директор на ЈКП ‘Комуналец’, Златко Ристески почнуваjќи од 2005 до 2017 година, континуирано вршел злоупотреба на функцијата директор на јавното претпријатие. Имено, во целиот тој период, Ристески подигал парични средства од касата на ЈКП ‘Комуналец’ во вид на аванси, чиј вкупен износ ја достигнал висината од 5.527.058,00 денари“, изјави на денешната прес конференција в.д. директорката на ЈКП „Комуналец“, Ирена Станкоска.

Во истиот период додека подигал аванси за себе, Ристески не ги исплаќал  обврските за ДДВ, ниту законските обврски спрема вработените во ЈКП „Комуналец“. Како резултат на тоа, следувале огромен број тужби од страна на вработените, со што била предизвикана финансиска нестабилност на претпријатието.