Денес во големата сала на Општина Прилеп беше конституиран новиот Совет. За претседател со мнозинство гласови е избран Дејан Проданоски.
За новиот претседател на Советот, Дејан Проданоски претседателската функција е можност да се придонесе во развојот на Општина Прилеп. Проданоски истакна дека превземањето на обврските, односно позицијата претседател на Совет или прв меѓу еднаквите ќе ја исполнува во целост и дека довербата која им е дадена од граѓаните ќе ја оправдаат со конструктивна работа, сериозни предлози и добри одлуки во интерес на сите граѓани.
„Ветувам дека како претседател на Советот ќе ги запазиме сите законски прописи, ќе работиме согласно Статутот на Општина Прилеп и Деловникот за работа. Седниците на Советот онака како што ветивме во предизборието ќе бидат отворени за сите граѓани и ќе бидат дадени на пошироката јавност за да бидат следени во живо. Тоа ни е предизборно ветување и јас ќе се заложам како претседател на Совет тоа да се случи. Ве поканувам во иднина на секоја седница на Советот, особено претставниците на седмата сила, медиумите, да не следите, да бидете наш коректор во работата“ – истакна претседателот на Совет, Дејан Проданоски.
Проданоски во своето обраќање додаде дека овој советнички состав ќе биде запишан во историјата на нашиот град, како еден од најуспешните односно Совети кои донесле најдобри и најконструктивни одлуки во интерес на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и подобрување на условите во градот.
После извршената верификација на мандатите од страна на Комисијата за верификација на мандатите и врз основа на уверенија добиени од Општинската изборна комисија, членовите на советот дадоа свечена изјава.
На свечената конститутивна седница покрај градоначалникот Борче Јовчески присуствуваа и претставници од законодавниот дом, Собранието на Македонија, Македонската православна црква и голем број граѓани.
Градоначалникот Јовчески им го честиташе мандатот на новите советници и порача дека ќе работат во интерес на сите граѓани.
„Најпрво дозволете ми да ве поздравам од мое лично име, да ви честитам за освоените мандати на сите советници без разлика на политичката припадност. Честитки до Дејан Проданоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп за кој што сум сигурен дека со меѓусебна соработка во иднина ќе имаме само успеси и сите заеднички ќе работиме во интерес на граѓаните“ – порача градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески.
На првата конститутивна седница беше избран новиот состав на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.
Општинскиот совет го предводи ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата со вкупно 15 советници, 10 се од СДСМ и коалицијата и 2-ца од Левица.