Синоќа во Прилеп, со доделување на наградите, се спушти завесата на годинешниот 53. МТФ „Војдан Чернодрински“. Со одлука на тричленото жири во состав Мими Таневска-Србиновска, професорка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Јасна Новаков, извршен директор на „Звездара театар“ од Белград и Драган Спасов-Дац, актер, „Клетници“, претставата на прилепскиот театар е добитник на највисоката награда Гран при, за најдобра претстава во целина.
Освен оваа награда прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ освои и три други награди: Ангела Наумоска е добитник на наградата за најдобра женска улога, групата „Фолтин“ ја имаше најдобрата музика, а Горјан Милошевски ја освои наградата за современа сценска драматизација, за драматизацијата на романот „Клетници“ од Виктор Иго.
Четири награди отидоа во рацете на НУ Македонски народен театар – Скопје за претставата „Ничија земја“: Сашко Коцев ја имаше најдобрата машка улога, Горазд Цветковски најдобрата машка епизодна улога, Александар Михајловски е најдобар млад актер, додека Валентин Светозарев и Никола Тороманов ја добија наградата за најдобра сценографија.
„Крал Лир“, претставата на НУ Турски театар – Скопје, се закити со три признанија: Диего Де Бреа е најдобар режисер, Ебру Мусли најдобра млада актерка, а претставата ја доби и специјалната награда за современ актерски израз и иновативен пристап кон светската класика.
Наградата за најдобра женска епизодна улога жирито ѝ ја додели на Наташа Петровиќ, за улогата во претставата „Еднаш свет изградив“ на НУ Театар за деца и младинци – Скопје. Награда за костимографија им беше доделена на Марија Пупучевска и Бранкица Јордановска за костимите во претставата „Ужегнатост“, во изведба на независната продукција „Артопија“, а најдобриот рекламен материјал го изработи Нгадњим Мехмети за претставата „Жените“, во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
Градоначалникот Илија Јованоски, им ги врачи наградите на годинешните добитници, посакувајќи уште поуспешни фестивалски изданија во иднина.
„Оваа атмосфера, овие награди и годинешната продукција на фестивалот говорат за напредокот на театарската уметност во Македонија. Придобивката е за сите, а голема улога освен театарските дејци има публиката, со своите изострени критериуми за оваа уметност“, рече градоначалникот Јованоски.
Уметничката директорка, Катарина Коцевска најави дека од следната година Собранието на фестивалот со поддршка на Општина Прилеп, ќе воведе и награда од публиката.
„Наградата ќе биде парична. На секоја карта ќе има можност да ја оценувате претставата со оценки од 1 до 5, а потоа картата ќе ја ставите во кутиите што ќе бидат ставени во фоајето на центарот за култура. Така освен жири комисијата и вие -почитувана публико ќе ја дадете својата оценка за квалитетот на претставите“, најави Коцевска.
Во чест на наградените, НУ Театар „Комедија“ ја одигра претставата „Не сега, драга“, работена по текст на Реј Куни, а во режија на Коле Ангеловски.