Воспоставување бизнис соработка, отворање на босанскиот пазар за нови
македонски производи, зголемена трговска размена и формирање на
македонско-босанско- херцеговски бизнис клуб за издигнување на нивото на
соработката и интензивирање на стопанските релации. Овие се заклучоците од
денешната средба на амбасадорката на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ со
членовите на Управниот одбор на Регионалната стопанската комора во
Прилеп, на која што присуствуваше градоначалникот Илија Јованоски.
Амбасадорката Бабиќ, потенцираше дека трговската размена меѓу Македонија
и БиХ изнесува околу 150 милиони евра и како што рече, може да биде
донесена на многу повисоко ниво. Она што според амбасадорката Бабиќ е
добро, тоа е заинтересираноста на двете страни за интензивирање на
соработката, пред сѐ во делот на прехранбената индустрија, металургијата,
шумарството, како и потпишување на договор за соработка од областа на
туризмот.
Прилепските стопанственици ја информираа амбасадорката Бабиќ за
досегашните бизнис релации со партнерите од БиХ. Оценка е дека компаниите
имаат добра соработка, но и потреба од повеќе контакти.
Извршниот директор на Регионалната стопанска комора, Горан Попоски, рече
дека заклучок од овој состанок е дека треба да се формира бизнис клуб на
двете држави, Македонија и БиХ. Оваа бизнис асоцијација како што истакна ќе
помогне во остварување на уште поквалитетна соработка на стопанските
субјекти.
Градоначалникот Илија Јованоски го искажа задоволството од општествено-
политичката соработка меѓу двете држави. Денешната посета на
амбасадорката, според него ќе доведе до подобрување на и така добрите
билатерални односи меѓу двете земји, како и меѓу Прилеп и Источно Сараево,
градови коишто наскоро ќе се збратимат.
Меѓу текстилните фабрики од Прилеп што покажаа интерес за формирање
бизнис клуб, е текстилната компанија „Хатра“. Сопственикот Благоја Конески,
оцени дека има мал застој во соработката со партнерите од БиХ. Но, со
формирањето на бизнис клуб според него ќе се остварат побргу контакти со
компании од БиХ.
Еден од ретките стопански субјекти од Прилеп, што досега не успеал да влезе
на босанско-херцеговскиот пазар е текстилната компанија „Комфи Ангел“.
Филип Велески, менаџер за продажба на оваа компанија со мешовит
македонско-англиски капитал, се надева дека после денешната средба, но и со
квалитетот што го поседуваат, нивните производи ќе бидат пласирани на овој
пазар,дека ќе станат достапни и за граѓаните на БиХ.
На средбата со амбасадорката Бабиќ во регионалната Стопанска комора,
присуствуваа и претставници на „Мермерен Комбинат“, „Витаминка“ и
Тутунски Комбинат. Сите се со позитивни оценки за воспоставената соработка
со босанските партнери.