Континуираното ширење клевети, лаги и невистини од страна на претставници на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп за набавката на четирите нови автобуси на метан, беше причина за денешната прес конференција на в.д. директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП ПУП), Марија Цветаноска.
Иако, како што нагласи Цветаноска, документацијата за јавната набавка е достапна на интернет страната на Бирото за јавни набавки и од неа јасно се гледа дека постапката и законските процедури за набавка на автобусите во целост се запазени, сепак советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски во изјава за медиумите дадена на 23 август, покрај другото тврди дека набавката на автобусите ја следеле низа контроверзии и криминални активности и дека за нив не бил распишан меѓународен тендер.
Само 4 денови подоцна, на истата тема се огласи и Никола Златески од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека со обично пребарување на интернет можело да се забележи дека ист ваков автобус чинел 150.000 евра.
„Уште еднаш потенцираме дека во набавката на автобусите на метан не постои ништо незаконско, постапката ја спроведе ЈП за ПУП, а не Општината и таа е во целост запазена. Тендерот е меѓународен, спроведен е технички дијалог, документите се преведени на англиски јазик од стручно лице и објавени во меѓународно гласило, а цената на автобусите на метан на пазарот се движи околу 250.000 евра. Што се однесува до дилемите кои ОК на ВМРО-ДПМНЕ ги пласира во јавност, дека наводно недоставувањето на банкарска гаранција било причина за повторување на тендерската постапка, потенцираме дека тоа е уште една шпекулација. Постапката ја повторивме поради наша проценка дека се потребни тренинг и обука за техничкиот персонал за новите современи автобуси, што го дополнивме како обврска на добавувачот во повторената јавна набавка. Заради сето ова, тврдењата на гласноговорниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се груба манипулација со вистината и свесно пласирање на лажни вести во јавноста, со цел да го нарушат угледот на ЈП за ПУП и на Општина Прилеп и јавноста да ја манипулираат со измислени приказни за наводен скандал при набавката на автобусите. Доколку во следните два дена именуваните јавно не се извинат за искажаните лаги и клевети, ЈП за ПУП против нив ќе поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство“, изјави Цветаноска.
Цветаноска пред новинарите ја презентираше тендерската документација, од која јасно се гледа дека автобусите се набавени на меѓународен тендер: датумот кога е распишана јавната набавка и видот на набавката, известувањето за датумот кога е склучен договорот и датумот кога е аплициран документот на интернет страната на меѓународното јавно гласило ТЕД.
Документи за превземање:
Објава во ТЕД
Оглас во ТЕД
Известување за склучен договор ТЕД