Во насока на запазување на мерките за заштита од коронавирусот, денеска
Општинскиот кризен штаб за прв пат одржа онлајн седница, на која беше
разгледана моменталната состојба со КОВИД-19, како и за новите мерки кои ги
донесе Владата на Република Северна Македонија, а кои се однесуваат на
општина Прилеп.
„Од утре среда 22 април, се воведува мерка за забрана за движење на
населението на подрачјето на општина Прилеп без носење на соодветна
заштитна опрема – маска, шал, марама и слично, надвор од своите деомови, на
сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени
простории, маркети, продавници и слично. Општина Прилеп им препорачува на
сите граѓани од нашата општина, да го редуцираат излегувањето од своите
домови. Тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради
одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден
член на семејството, заради купување намирници и лекови од маркетите и
аптеките. Истовремено, врз база на новите мерки кои се однесуваат на
општина Прилеп, заедно со ОВР – Прилеп подготвивме посебен оперативен
план кој стапува на сила од утре, за присуство и дејствување на полицијата на
подрачјето на општина Прилеп, преку користење на засилени патроли и
засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од
полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над
почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата“,
изјави на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.
Јованоски упати пофалба до своите сограѓани, заради почитувањето на
мерките на Владата за одржување на физичко растојание од минимум два
метра, нешто кое денеска со почетокот на исплата на субвенциите за тутунот,
беше видливо пред сите банки
Во таа насока, градоначалникот истакна дека денеска продолжив акцијата за
делење бесплатни заштитни маски која започна пред Велигденските празници
и која ќе продолжи и во следните денови, се’ додека граѓаните имаат потреба
од тоа.
„Што се однесува до денешната состојба со КОВИД-19 во нашата општина, до
овој момент нема новозаболени лица со коронавирус. Во Инфективното
оддление се хоспитализирани 24 пациенти. Од нив 19 се позитивни на
коронавирус, од кои 3 се на кислородна поддршка. Пет пациенти се наоѓаат во
изолација, земен им е брис и се чекаат резултати. Досега, во Центарот за јавно
здравје земени се вкупно 460 материјали, од кои 117 биле позитивни. Имаме 7
целосно излекувани пациенти со потврдени 2 последователно негативни брисови на КОВИД-19, 6 пациенти се со еден потврден негативен брис, а за вториот се чека резултат. Во самоизолација се наоѓаат околу 500 лица“, потенцираше градоначалникот Јованоски.
Денешната прес конференција беше реализирана со видео стрим, на
социјалната мрежа Фејсбук.