Јованоски: Од коронавирусот подеднакво се погодени сите граѓани, згрозува ставањето на болеста во етнички рамки

„Како градоначалник и како лекар, но пред се’ како човек, мора да кажам дека
сум згрозен од вчерашната намера на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која
злоупотребувајќи ја состојбата со коронавирусот, се обиде да внесе нови
поделби помеѓу граѓаните од нашата општина. Никој нема право да
стигматизира и да дискриминира една етничка заедница, дека токму тие се
најпогодени од коронавирусот, во случајот Ромите од населбата Тризла. Сакам
да потенцирам дека од болеста подеднакво се погодени граѓаните од сите
етнички заедници: Македонци, Роми, Турци и останатите. Процентот на
заразени граѓани во Тризла 2, е ист како и процентот на заразени граѓани во
другите Урбани заедници: Центар, Вишне, Ѓогдере и другите“, изјави
градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, коментирајќи ја
вчерашната прес конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, од каде се
обидоа прилепската населба „Тризла“, каде живее населението од Ромска
етничка заедница, да ја лоцираат како ново жариште на коронавирусот.

Истиот став, дека ништо драматично не се случува во населбата Тризла, го
изнесе и епидемиологот од Центарот за јавно здравје-Прилеп, Татјана
Мургоска, која нагласи дека бројот на заболени се намалува и дека сите нови
случаи се од постојните кластери.

„Не би рекла дека нешто драматично се случува во Тризла. Од први мај имаме
вкупно 7 заболени од оваа населба, станува збор за лица кои се вработени во
различни фирми во градот. Ги следиме нивните контакти, над нив се врши
активен надзор како и над сите останати. Во моментов сите тие контакти се
изолирани, можам да кажам дека за сите активни кластери контактите се
изолирани, ги следиме и сите нови случаи се од постојните кластери. Во
последиве 2-3 недели, како што се намалува бројот на заболени, се намалува
и процентот на случаи со потешка клиничка слика на пациентите
хоспитализирани во Инфективното одделение. Она што го тврдат и експертите,
е дека со текот на времето овој вирус ослабува, се намалува бројот на
заболени, како и тежината на клиничката слика. Следејќи го кај нас текот на
пандемија од нејзиниот почеток на 24 февруари, пикот го имавме во периодот
меѓу 17 и 24 април, после што бројот на заболени почна да опаѓа. Во
последниве две недели ние претежно ги следиме контактите на веќе потврдени
случаи на КОВИД-19, така што од кругот на веќе заболени изнаоѓаме нови
контакти. Она што може да се каже, е дека бројката на заболени се намалува“,
напомена епидемиологот Мургоска.

Што се однесува до олабавувањето на мерките, градоначалникот Јованоски
рече дека таквата одлука не треба да се злоупотребува, дека граѓаните треба
да ги почитуваат мерките на претпазливост и превенција и дела лицата над 67
години, кои имаат хронични болести, треба што помалку да ги напуштаат
своите домови.

„Уште еднаш ја користам приликата, да им порачам на граѓаните од нашата
општина да се придржуваат до мерките и препораките на Владата,
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и да не се
злоупотребува олабавувањето на мерките. Апелирам до моите сограѓани да ги
почитуваат мерките на превенција и претпазливост од КОВИД-19, редовна и
почеста дезинфекција на рацете и работните површини, носење на заштитни
маски, држење дистанца и да нема групирање на граѓани. Со тоа ќе го
зачуваме личното здравје и здравјето на нашите најблиски. Посебно сакам да
се обратам до повозрасната категорија на граѓани, лицата над 67 години,
особено до оние со хронични болести, и покрај олабавувањето на мерките, што
помалку да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се заштитат себеси и
своите семејства“, потенцираше градоначалникот Илија Јованоски.

Денеска се одржа и седница на Општинскиот кризен штаб, на која беше
разгледана состојбата со коронавирусот во општина Прилеп и беа донесени
повеќе мерки за заштита на јавното здравје, кои ќе бидат спроведени во
претстојниот период, меѓу кои и акцијата за дезинфекција на улиците, јавните
површини и зградите во градот која ќе биде реализирани во деновите од
викендот.

Градоначалникот Јованоски информираше дека комплетно е завршена
постапката за субвенционирање на инвертор клими и велосипеди, што значи
дека во текот на следната недела, на трансакционите сметки на граѓаните кои
ги исполниле условите предвидени со Јавниот повик, Општина Прилеп ќе им ги
префрли средствата за набавените клими и велосипеди.

Исто така, во деновите од наредната недела ќе биде распределена донацијата
од 100 таблет компјутери, кои тетовското семејство Дестани преку компанијата
„Еколог“, ги донираше за учениците од социјално загрозените семејства од
општина Прилеп.

Кога е во прашање состојбата со коронавирусот, во текот на изминатото
деноноќие регистрирани се 3 нови случаи на заразени и 2 оздравени. На
Инфективното одделение во Општата болница „Борка Талески“
хоспитализирани се 21 пациент, од нив позитивни се 16, а за 5 се чекаат
резултати. На домашно лекување се наоѓаат 36 граѓани.

Вкупно, од почетокот на пандемијата, 193 граѓани на општина Прилеп се
заразиле со коронавирус. Од нив, оздравени се 118 лица, 63 се активни случаи,
а забележани се 12 смртни случаи.Вкупната бројка на извршени тестови за
коронавирус од Центарот за јавно здравје и Инфективното одделение,
изнесува 906.