„Многу му е драго што на оваа трбина моите ставови се совпаднаа со ставот, дебатата и искажувањата на невладините организации од Прилеп. Имаме ист или речиси ист став дека граѓаните треба да се одважат, да излезат на престојниот референдуми да гласаат ‘за’ на референдумот што ќе се одржи на 30 септември. Се сложивме сите дека со влезот во НАТО и ЕУ, ќе добиеме стабилност, безбедност, технолошки и економски развој, а претпристапните фондови во сите сфери ќе ни бидат на располагање“, рече градоначалникот Илија Јованоски, во изјавата за медиумите веднаш по трибината што во организација на Коалицијата „Заедно за европска Македонија“, се одржа синоќа во хотелот „Кристал палас“ во Прилеп, на којашто се разговараше за придобивките од членството на Македонија со влезот во НАТО и ЕУ.
Градоначалникот Јованоски, како гостин на трибината на покана на Коалицијата, говореше за сите придобивки од влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, во сите сфери на општествениот живот.Тој ги охрабри граѓаните да излезат на референдум на 30 септември, зашто како што рече тој е од историско значење за нашата држава. Ги охрабри невладините организации да гласаат според своето убедување, а не под притисоци или некакви закани. Градоначалникот Јованоски го искажа и своето верување и убедување дека референдумот ќе успее, и дека Македонија по 30 септември ќе зачекори на патот кон сигурното членство, со што ќе стане дел од европското семејство држави.
Повеќе од 50-ина невладини организации од Прилеп ја искажаа отворено својата поддршка на Коалицијата „Заедно за европска Македонија“. Спортскиот локален сојуз од Прилеп, Здружението на пензионери, Сојузот на борци од Прилеп, Регионалното здружение „Клас“, Невладината организација „Ромска солза“, НВО „Мировна акција“, здружението „Прилепски мечкари“ и многу, многу други невладини организации од Прилеп ја потенцираа во своите изјави важноста, значењето од влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, најавувајќи свое членство во Коалицијата „Заедно за европска Македонија“.
„Како клучна алка во општеството, мнозинството од граѓанските организации вечерва се изјаснија дека ќе излезат на референдумот и својот глас ќе го дадат за европска Македонија“, рече Александар Гаврилоски, од НВО „Иницијативен глас“, која што е дел од Коалицијата „Заедно за европска Македонија“.
Синоќа во хотелот „Кристал палас“во Прилеп, беше прекрасна сликата да се видат невладините организации од градот, кои слободно, јасно и гласно кажуваат дека со нетрпение го очекуваат членството на Македонија во НАТО и ЕУ, убедени дека тоа е единствена алтернатива за својата држава, за граѓаните и идните поколенија.
Трибината ја следеа и претставници на Делегација на ОБСЕ/ΟДИХР за следење на демократските институции и човековите права, вклучени во мониторингот на референдумскиот процес.