Градоначалникот Илија Јованоски и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната работна средба ја анализираа досегашната реализација на инфраструктурните проекти, како и подготовката на новите коишто ќе бидат доставени во ресорното министерство. При тоа тие извршија увид врз градежните работи во населбата „Димо Наредникот“ во Прилеп, поточно врз реконструкцијата на една од главните сообраќајници, улицата „Александар Македонски“. Според најавите од градоначалникот Јованоски, утре ќе почне асфалтирањето на оваа улица.
„Утре почнува асфалтирањето на улицата ‘Александар Македонски’ која е што главна сообраќајна артерија на градот, како и на улицата ‘Кеј 4-ти Јули’. Досега се тампонирани во голем дел пристапните патишта во околните села и во приградските улици, онаку каде што имаше потреба. Се асфалтираа две улици во градот, ‘Кеј 9-ти Септември’ и ‘Кеј Први Мај’. Во тек е изработка и на други проекти за улиците, што треба да се асфалтираат во должина од неколку километри, во наредниот период, а до крајот на годинава“, рече градоначалникот Јованоски.
Општината заедно со Министерството за транспорт и врски, изготви проект за патот до вештачкото езеро. Градежните активности се во тек, а ќе финишираат следната година. Освен тоа до Министерството се испратени и проекти за реконструкција на патиштата кон: Битола, Крушево и Македонски Брод.
Министерот Сугарески пак најави финансиски поволности од кредитната линија на Европската кредитна банка, кои што ќе бидат на располагање за инфраструктурни проекти на Општина Прилеп, но и сите други општини во државата.
„Проектите на коишто во моментов работи Општина Прилеп, следната година ќе бидат засилени со новите кредитни линии што Министерството за транспорт и врски ќе ги добие од Европската кредитна банка, во делот на водоводи и канализации од 50 милиони евра. И информацијата која што е помината на Влада, а се однесува на изградба на локални патишта од 70 милиони евра и на тој начин во голема мера, покрај основните буџети што ги имаат општините и државата ќе може да помогне во изградбата на тие патишта“, рече министерот Сугарески.
Тој посочи дека Министерството за транспорт и врски со Општина Прилеп, паралелно работи на проект во Големо Коњари.
„Преку Декадата на Ромите беа оддвоени средства за ромската населба „Тризла 2“. Овде очекувањата се дека локалната самоуправа ќе има сериозни активности и во овој период ќе имаме дополнителни активности и во населените места“, рече Сугарески.
Министерот апелираше до сите градоначалници, да се носат проекти не само во Министерството за транспорт и врски, туку и во Министерството за локална самоуправа во делот на Дирекцијата за рурален развој, којашто работи на ИПАРД проекти.
„На тој начин колку што можеме повеќе како Влада, како министерства да им помогнеме на сите општини, дополнително да се развиваат,а граѓаните да видат огромен бенефит“, порача министерот Сугарески.