Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски е загрижен за состојбата со аерозагадувањето на Прилеп. На негова иницијатива е поставена пред Нова Година, мерна станица во центарот на градот. Но, вредностите на ПМ10 честичките што беа регистрирани последните неколку дена, како што истакна градоначалникот Јованоски се повод за денешната прес конференција.
„Прилеп наназад години немаше мерна станица. Иако имаше потреба. На мое лично инсистирање и моја заложба, мерната станица беше ставена во Прилеп, два дена пред новогодишните празници,во период кога се трошат најмногу огревни дрва и сите други огревни средства, јаглен, гуми,пластика…Мерењето е прв чекор кон решавање на проблемот. Сега имаме начин да дознаеме дали граѓаните дишат или не, загаден воздух“,рече градоначалникот Јованоски.
Опсегот на оваа мерна станица е на 300 до 400 метри.Тестирањето ке се врши 90 дена, а дури по калибрирањето, мерната станица ке врши точни мерења на концентрацијата на штетитените ПМ 10 честички. За да се добие објективна слика за состојбата со аерозагадувањето, следната недела во петок, (25.01.2019) во Прилеп, ќе присуствуваат стручњаци од фирмата „Инфо проект“, која што го доби грантот на Светска банка во висина од 21 милион денари за мерење на аерозагадувањето во Македонија. Прилеп ќе биде една од првите три пилот општини во кои ќе се мери аерозагадувањето,заедно со Карпош и Тетово.
„Како лекар знам што значи оваа загаденост за граѓаните, астматичарите, за децата, за хроничните болни … Токму затоа, итно контактиравме со оваа компанија и договоривме да почнеме заедничка соработка, со цел што поскоро решение на проблемот. Во Прилеп ќе бидат поставени 20-30 мерни инструменти, на толку места во градот. Така што ќе знаеме точно, колкаво е нивото на загаденост“, изјави градоначалникот Јованоски.
Според стручњаците како што истакна градоначалникот, за зголемената загаденост на водухот, придонесуваат и фирмите коишто работат со ископување, истражување и експлоатација на мермер,и други минерали.
„Ќе бидат поставени мерни станици и на тие фирми.Но, трајно решение на проблемот е гасификацијата.Токму сега е во процедура тендерот за проектната документација за секундарната мрежа за гасификација на градот во должина од 20 километри.Според планот во 2021 год. гасификацијата ке биде во функција. Со тоа ке биде решен главниот и основен проблем. Една од мерките што ги предлага Владата, се да ги субвенционира домакинствата што сакаат да се вклучат на гасификационата мрежа“, акцентираше градоначалникот Јованоски.