„Со набавката и ставањето во употреба на Географски информацискиот систем (ГИС) и дополнителната опрема, станавме најопремено претпријатие на Балканот, а со постигнатите успеси во секојдневната битка за намалување на губитоците на вода и воведувањето на новиот воден режим, докажавме дека и во услови на историски најмала издашност на вода од изворот ‘Студенчица’, со правилно менаџиње на финансиските, техничките и човечките ресурси , може да има вода во секое домаќинство во Прилеп“, соопшти директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески на денешната прес конференција, во неговиот отчет за сработените и тековни активности и проекти за 2019 година.
„Географски информацискиот систем е дизајниран за снимање, чување, анализа, манипулација, управување, со просторни (географски) податоци, коишто се рапоредени во т.н. дигитални карти, а што ни дава можност да исцртаме подземен катастар, да ги знаеме сите податоци за нашата водоводна, атмосферска и канализациона мрежа, за сите куќни приклучоци, адресар за сите наши корисници, состојбата на водомерите, состојбата со плаќањето на сметките итн.
Во исто време, спроведувајќи го проектот Balkan Mediterranean Watenergy Cycle, набавивме најмодерна опрема како што е корелатор и геофон за детекција на губитоци на вода, локатор, тракер и кабел за лоцирање на цефките за вода, локатор за феромагнетни материјали, мерно тркало, дата – логер за мерење на количините и притисокот на вода во водоводните цевки, камера за отпадни води, односно девијации на канализационата мрежа. Заедно со рентгенот кој го набавивме со сопствени средства, станавме јавно комунално претпријатие кое во овој момент е технички најопремено на Балканот“, истакна директорот Јанески, додавајќи дека поради сето ова, претпријатието секојдневно ги подобрува услугите кон граѓаните и ги намалува финансиските трошоци за функционирање, со што се создава можност во иднина да нема раст на цените на водните услуги.
„Во февруари годинава, со одлука на Советот на општина Прилеп ја презедовме пречистителната станица, а во претходниот период обучивме квалитетен кадар, со што обезбедуваме нејзино беспрекорно функционирање. Во употреба се пуштаат метан – танковите, каде што се врши процес на аеробна дигестија и прозводство на одредени количества на гас, којшто треба да биде замена за електричната енергија, со што повторно го намалуваме трошокот на работењето на ЈКП ‘Водовод и канализација’, нагласи Јанески.
Тој напомена дека во текот на измината година биле извршени реконструкции на воводната и канализациона мрежа на над 40 улици во градот и населените места, потенцирајќи дека практично не постои дел од општината каде „Водовод и канализација“ нема извршено некаква интервенција.
„Интервениравме и на булеварот ‘Гоце Делчев’, каде што во очекување на неговата реконструкција од страна на Општина Прилеп, ја променивме главната водоводна цевка со дијаметар Ф-300, со што го олеснуваме водоснабдувањето на градот.
Паралелно со тоа, во правец на исполнување на нашата цел секое домаќинство кое има платено комуналии, во рамките на Деталниот урбанистички план, да има и канализација, изведовме фекална канализација на улиците ‘Гостиварска’, ‘Београдска’, ‘Јоска Јорданоски’, ‘Пчиња’, ‘Мара Јосифоска’, зад Работничкиот универзитет, атмосферски канал на улица ‘Орде Чопела’, а на улицата ‘Бистра планина’ иградивме канализациона мрежа во должина од над 700 метри, односно во населба која e стара над 50 години и никогаш досега немало фекална канализација“, додаде Јанески.
Првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“ се осврна и на подобрувањата во финансиското работење, новините со воведувањето на нова интернет страна, нов софтвер, можноста граѓаните да вршат електронски уплати и тоа дека е воспоставен нов режим на водоснабување до корисниците, во услови кога издашноста на изворот Студенчица е на историски најниско ниво.
„Во овој момент издашноста на Студенчица е 470 до 480 л/сек, при тоа законска обврска е заради биолошкиот минимум да се испуштаат 50 л/сек во реката Студенчица и 50 л/сек во хидроцентралата ‘Осломеј’. Тоа значи дека „Водовод и канализација“ има на располагање околу 360 до 370 л/сек, а само во недела градот Прилеп троши над 400 л/сек. Дури и во такви услови, успеваме да доставиме вода до секое семејство во градот“, изјави Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“.