Градежните работи кои изминатите денови ЈКП „Водовод и канализација“-Прилеп ги изведува во централното градско подрачје, претставуваат реконструкција на една од главните водоводни транзитни линии со дијаметар Ф-300. Работите се одвиваат со забрзано темпо, бидејќи Општина Прилеп за скоро време ќе ја започне реконструкцијата на овој дел од булеварот „Гоце Делчев“.
„За да избегнеме ситуации кои што се случувале во минатото, кога еднаш реконструираните улици, коловозни површини, пешачки зони и булевари, повторно се раскопувале заради санирање на дефекти поврзани со водоводната мрежа на јавното комунално претпријатие, овој пат навремено ја менуваме оваа транзитна линија која е инсталирана во 1952 година. Пред неколку месеци граѓаните беа сведоци на дефект и како изгледа кога пука цевка со дијаметар Ф-300, која носи огромни количини вода. Исто така, сакам да потенцирам дека веднаш штом ќе почнат зафатите за реконструкција на булеварот, ќе биде инсталирана секундарна линија со помал дијаметар, која ќе ги опфати куќните приклучоци кои што во овој момент се поврзани со главната транзитна линија, што не е според европските стандарди“, изјави Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп.
Јанески истакна дека градежните активности ќе завршат според планот, односно пред почетокот на „Пивофест“, кога булеварот ќе биде целосно оспособен за непречено одвивање на учесниците во сообраќајот.