„Во обид да извлечат ситни дневно-политички поени, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп во континуитет пласира серија на лаги, невистини и клевети за моето и за работењето на ЈКП ‘Водовод и канализација’. Ја разбираме желбата на ВМРО-ДПМНЕ, но вистината и фактите кажуваат нешто друго. Имено, груба лага и клевета е дека парите од претпријатието се трошат на расипнички начин, преку репрезентација, адвокатски и нотарски услуги. Ако се изземат трошоците кои јавното претпријати ги прави секоја година за Водици, за рекламен материјал Нова година, Василица и 8.Март, за угостителски услуги во првото тримесечие за 2019 година биле потрошени околу 40.000 денари, во кои се вклучени и трошоците за обуки и тренинзи на вработените за ракување со новонабавената техничка опрема, што секако оди во правец на подобрување на услугите кон граѓаните на општина Прилеп“, изјави на денешната прес конференција директорот на ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп, Емил Јанески.
Во истата сума од 40.000 денари, како што рече Јанески, влегуваат и средствата за деловни партнери и гости на јавното претпријатие, како и оброци за вработените кои често пати остануваат до доцна во ноќта и работат на отстранување на дефектите во водоводната и канализационата мрежа.
Земајќи го сето тоа во предвид, како што рече Јанески, повеќе од јасно е дека обвинувањата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ се смешни, злонамерни и тенденциозни, заради што против лицата кои ги изнесоа ваквите невистини ќе биде поднесена тужба за клевета и навреда.
Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ истакна дека, кога се во прашање трошоците за репрезентација, тие се далеку помали во однос на оние кои ги плаќало претходното раководство. Така на пример, ревизијата покажала дека во 2012 година, претходниот раководен тим на ВМРО-ДПМНЕ за таа цел потрошило 1.362.240,00 денари, што е двојно повеќе од оние 700.000,00 денари кои актуелниот менаџерски тим ги потрошил минатата година.
Кога станува збор за трошоците за нотарски и адвокатски услуги на ЈКП „Водовод и канализација“, Јанески рече дека претходното раководство имало селективен пристап во тужењето и проследувањето на веќе добиените тужби до извршител.
„6.200 извршни и правосилни тужби, коишто веќе почнуваат да застаруваат, а кои новиот менаџерски тим на „Водовод и канализација“ ги наследи од претходното раководство, после многу опомени до граѓаните за подмирување на нивните обврски, согласно закон мораше да бидат, и беа, неселективно проследени до извршител. Со намерното непроследување на тужбите до извршител и нивното чување во фиока, се вршело класичен политички поткуп на граѓаните. Притоа, сакам да истакнам дека не станувало збор само за граѓани од социјално ранливи категории, туку и добро ситуирани наши сограѓани со висок животен стандард, меѓу кои и лекари, полицајци, новинари, бизнисмени, кои долги години беа приврзаници на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Со селективниот пристап во тужењето, претходното раководство на ЈКП „Водовод и канализација“ дозволило да застарат околу 150.000 илјади евра побарувања, односно за таа сума го оштетиле претпријатието, а што до надлежните институции ќе биде поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластување“, потенцираше Јанески.
На крајот, според зборовите на првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“-Прилеп, граѓаните треба да знаат дека приходите остварени од навременото тужење и давање на извршител, се повеќекратно поголеми во однос на трошоците за нотарски услуги.