ЈКП „ВиК“: Вода има во сите делови од градот!

„Во моментов во сите делови од градот има вода. Можеби некаде се јавува
намален притисок, поради тоа што мора да се дистрибуира вода до секое
домаќинство. Меѓутоа во овој момент, секое домаќинство има вода.
Најмногу проблеми имаме во „К“ зградите во населбата „Точила“, поради
што се ставени во употреба пумпните станици, што ги имаме лоцирано на
неколку места во овој реон“, изјави Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод
и канализација“ на денешната прес конференција што се одржа заедно со
надлежните од ЈКП „Комуналец“ и Општина Прилеп,задолжени за зимско
одржување на улиците и патиштата во општината.

Ставени се во функција сите бунари за кои анализите од Центарот за јавно
здравје покажуваат дека нема зголемено количество на нитрати и нитрити и
дека даваат исправна вода за пиење. Секојдневно се земаат примероци од
бунарите, се испитуваат,и со дозвола на санитарниот инспектор,бунарите се
ставаат во употреба.

Според директорот Јанески деновиве со падот на температурите,
потрошувачката на вода на граѓаните е зголемена во однос на летниот
период.

„Добиваме околу 30 литри вода во секунда од изворите, околу 70 литри во
моментов, а очекуваме околу 100 литри вода во секунда од бунарите. Со
количествата што ги добиваме од РЈП ‘Студенчица’, сè заедно добиваме
околу 300 литри вода во секунда. Но, граѓаните трошат повеќе отколку во
летниот период. Поради тоа апелирам, да не се оставаат славините од
чешмите отворени. Зашто така се предизвикуваат проблеми во напорите да
се обезбедат дополнителни количества вода во системот, со цел сите делови
од градот, сите домаќинства и правни субјекти да имаат одредени
количества вода, коишто може ефикасно да се употребат за хигиена, за
пиење, за сите потреби во домаќинството“, акцентира директорот Јанески.
Тој посочи дека минатиот викенд, имало извесен проблем со водоснабдувањето на улица „Борис Кидрич“ на највисоките катови, порадишто, со мали канистери била носена вода до домаќинствата. Но, овој проблем сега е решен.

Екипите на ЈКП „ВиК“ се постојано на терен, мобилни и поради бројните
дефекти во мрежата предизвикани од ниските температури, расипување на
регулаторите за притисок,проблеми со водоводната мрежа, вентилите и др.

„Екипи на ЈП ‘Водовод и канализација’ постојано се на терен и успешно ги
санираат сите дефекти,со цел доведување на доволни количества вода до
секое домаќинство. Поголем проблем во овој момент прави, тоа што е
намалена издашноста на изворот ‘Студенчица’ на околу 600 литри во
секунда, поради што до ЈКП ‘Водовод и канализација’ доаѓаат од 160-180
литри вода во секунда. Во моментов граѓаните и правните субјекти трошат
повеќе од 370 литри вода во секунда. Вклучени се сите бунари,постојано сме
на терен, вршиме пренасочување на водата во секој момент со цел секое
домаќинство во Прилеп да има вода. Можни се намалувања на притисоците
во одделни делови од градот. Но, ве уверувам дека во периодот што
претстои ЈКП ‘Водовод и канализација’ ќе направи сè секое домаќинство да
има вода“, категоричен е директорот Јанески.

Со покачување на температурите и топење на снегот,се очекува зголемување
на дарежливоста на изворот „Студенчица“. Во екстремно ниски температури
нема доволни количества вода во изворот, што значи можен е и
дополнителен пад на издашноста на изворот.