Извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп денеска ја одбележа тригодишнината од своето постоење. Во него членуваат 80 извидници на возраст од 7 до 70 години. Во својата богата програма имаат бројни активности во локални и пошироки рамки. Сепак целта на ова воспитно-едукативно здружение на деца и млади е здружување на младите коишто сакаат да ги развиваат своите психо-физички потенцијали.
„Сојузот на извидници има програма и сите извидници се водиме по неа.Има многу настани на европско и светско ниво. Оваа есен ќе се одржи еден европски настан ‘Извидничка акдемија’ во Скопје, на која ќе бидат присутни извидници од цела Европа“,најавува Александра Стојаноска, членка на овој одред.
Членовите со импресии раскажуваат за извидничкиот живот.
„Чувството да се биде извидник не може да се објасни со зборови, мора да се доживее на своја кожа, пред сè авантурата, дружењето … Имаме активности во текот на целата година. Оваа година да се пофалиме имаме ‘Извидничка смотра’, тоа е најголем камп што се организира еднаш на пет години. Оваа година настанот ќе се случи во Охрид“, вели извидникот Дино Радушкоски.
Прилепските извидници денеска организираа свечена академија,како дел од активностите со кои што ќе го одбележат Светскиот ден на извидниците – 22 февруари. По тој повод, околу 46 млади луѓе дадоа свечена извидничка заклетва, дека ќе живеат и работат според извидничките правила и закони. Настанот се случи на мултимедијалното плато кај карпата викана Слон под „Маркови Кули“.
„Денеска извидничкиот одред „Феникс“ по четврти пат ја организира свечената церемонија – Извиднички завет на која 46 нови извидници дадоа извиднички завет. Ова е дел од нашата програма по повод 22 февруари- Светскиот ден на извидниците и хуманата недела.По тој повод имавме и дополнителна активност, поделивме готови оброци“, изјави Филип Стојаноски старешина на извидничкиот одред „Феникс“ .